Рускиот претседател Владимир Путин би бил подготвен да им нареди на вооружените сили да не ја напаѓаат Украина на денот на претседателските избори, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за 60-дневен прекин на огнот што би овозможил одржување на претседателски избори во земјата, наведувајќи дека наместо тоа, инсистира на сеопфатен мировен договор.
– Ве молам, кажете му на Путин: дајте ни два месеца – 60 дена целосен прекин на огнот, 60 дена – и ние ќе организираме избори – изјави вчера Зеленски во емисијата „This Week“ на телевизијата Еј-Би-Си.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија се залага за долгорочен мировен договор, а не за привремен прекин на огнот.
– Во Кремљ, и претседателот Путин и функционерите на различни нивоа постојано изјавуваа дека не сакаме прекин на огнот. Сакаме траен мир и подготвени сме да направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа – истакна портпаролот на Путин.
Русија долго време инсистира Украина да одржи избори и тврди дека одбивањето да се направи тоа му го одзема легитимитетот на Зеленски како шеф на државата. Украинскиот закон забранува одржување избори за време на воена состојба.
Кремљ исто така соопшти дека продолжуваат разговорите за можен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура меѓу Русија и Украина – договор што вчера го најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Песков одби да коментира дали договорот би се однесувал исклучиво на рафинериите за нафта, наведувајќи дека дополнителни информации ќе бидат објавени во соодветно време.
Во соопштението понатаму се наведува дека Кремљ очекува претстојните правни постапки во врска со експлозиите на гасоводот „Северен тек“ во 2022 година да бидат објективни и да ги идентификуваат оние што го наредиле и извршиле нападот.
Фото: архива




