Јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, која е кандидат за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), денеска пред Советот на јавните обвинители истакна дека наместо програми, на Обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривичните дела.

Образложувајќи ја својата кандидатура, Раичевиќ оцени дека јавните обвинители не смее да се потпираат исклучиво на случаи откриени од полициските структури, туку мора и самите активно да учествуваат во откривањето на криминалот.

– Јас ја нудам својата стручност во делот на откривање на кривичните дела, тоа е функција што јавниот обвинител ја има запоставено – изјави Раичевиќ.

Таа посочи дека Обвинителството мора да има поширок увид во криминалните појави во општеството и да развива сопствени капацитети за нивно препознавање и гонење.

– Не може севкупниот криминал да се гони само по откривање полициски структури. Јавниот обвинител треба да ја знае структурата на криминалот во општеството – нагласи Раичевиќ.

Во своето обраќање таа истакна и дека изборот на раководител на ОЈО ГОКК е важен не само за институцијата туку и за кредибилитетот на обвинителската функција во државата повикувајќи ги членовите на Советот да одлучуваат според сопственото убедување.

Осврнувајќи се на модернизацијата на Обвинителството, Раичевиќ рече дека е потребно унапредување на техниките на работа, дигитализација и подобро поврзување со другите институции, но оцени дека тоа не смее да биде единствената цел.

– Базата на нашето постигнување е постигнување два квалитети – да не остане непокриен криминалитет, а од друга страна, да бидат запазени правата на човекот – рече Раичевиќ. (МИА)