САД и Европа подготвуваат заеднички мировен предлог за решавање на конфликтот во Украина, што вклучува обнова на земјата, безбедносни гаранции за Москва и Киев, енергетски договор и прекин на огнот на сегашната линија на фронтот, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори. Според весникот, планот треба да обезбеди финансиски и безбедносни придобивки за Русија и Украина, како и да создаде основа за решавање на територијалните спорови.
Првата точка предвидува реконструкција на Украина, за која преговарачите би побарале од Киев да ги процени трошоците.
Втората се однесува на безбедносни гаранции за двете земји, но конкретните договори планирани со Москва се уште не се прецизирани.
Третата точка предвидува енергетски договор меѓу Русија, Украина и Европа, кој би можел да вклучува изградба на гасовод за снабдување на европските земји. Таквиот договор би обезбедил приходи и за Москва и за Киев, а би вклучувал враќање на Русија на европскиот енергетски пазар и рок за укинување на санкциите.
Четвртата точка предвидува прекин на огнот по сегашната линија на фронтот.
Според „Вашингтон пост“, поттикот за новиот план дошол од состанокот на американски, европски и украински преговарачи во Флорида.




