Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел и до крајот на годинава да испорачува меѓу три и 3,5 милиони тони месечно, надминувајќи ги количините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп во рамки на договорот со Москва.

Трамп во петокот објави дека Русија се согласила да ги снабдува светските пазари со дизел, по што неговата администрација привремено ги укина американските санкции за руското гориво, воведени со цел да се ограничат приходите на Москва за војната во Украина.

„Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, но Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел. До крајот на годината извозот би можел да достигне од три до 3,5 милиони тони месечно, со што би се вратил на нивото пред кризата“, изјави синоќа рускиот вицепремиер, Александар Новак.

Рускиот извоз на дизел нагло се намали по украинските напади врз руските рафинерии за нафта и по ограничувањата што Москва ги воведе за продажба во странство. Пред Украина да започне серија напади со беспилотни летала врз руските рафинерии во 2024 и 2025 година, рускиот извоз на дизел надминуваше три милиони тони месечно.

И покрај забраната за извоз, Русија продолжи да снабдува со дизел одредени земји, главно во Централна Азија, врз основа на меѓудржавни договори. Според индустриски извори, рускиот извоз на дизел во Централна Азија минатиот месец изнесувал 427 илјади тони.

Растот на цените на дизелот во САД ги погодува американските камионџии и земјоделците и предизвикува загриженост кај гласачите и политичките партии пред изборите за Конгресот на средината на претседателскиот мандат, закажани за 3 ноември.

Пратеници на Трамп минатиот петок им кажале на украинските претставници дека договорот за рускиот дизел е дел од напорите Москва да се врати на преговарачката маса, по неуспехот на претходните обиди за започнување трајни преговори за завршување на војната.

Договорот предизвика остри реакции кај дел од американските законодавци, кои сметаат дека ќе ѝ обезбеди на Москва средства за продолжување на војната без да го принуди рускиот претседател Владимир Путин на отстапки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше договорот, оценувајќи го како отстапување од долгогодишната западна политика насочена кон изолирање на руската економија.

Зеленски синоќа изјави дека руските напади врз најмалку шест енергетски објекти во последниот бран смртоносни воздушни напади низ Украина покажуваат дека Москва не е заинтересирана за енергетско примирје.