Во Општина Ранковце денеска е отворена подрачна канцеларија на Центарот за социјална работа Крива Паланка, со што за првпат на жителите на оваа општина им се овозможува полесен и подостапен пристап до услугите и правата од социјална заштита.
На отворањето присуствувале министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Ранковце, Даниел Павловски и директорката на Центарот за социјална работа Крива Паланка.
Министерот Велковски истакнал дека приближувањето на услугите до граѓаните е важен чекор кон создавање подостапен систем на социјална заштита.
-Со отворањето на оваа подрачна канцеларија, за првпат обезбедуваме директен пристап до услугите на Центарот за социјална работа за граѓаните на Ранковце. Тоа значи дека тие ќе можат полесно да ги остваруваат своите права од социјална заштита, без да имаат потреба да патуваат до Крива Паланка. Нашата цел е институциите да бидат поблиску до граѓаните, а услугите подостапни за сите, независно од местото на живеење – посочил Велковски.
Отворањето на подрачната канцеларија, како што информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, претставува чекор кон унапредување на достапноста на институционалната поддршка во помалите општини, со намалување на административните и просторните бариери со кои се соочуваат граѓаните при остварувањето на своите права.
Министерството за социјална политика, демографија и млади најавува дека ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на достапноста и квалитетот на социјалните услуги и создавање услови за поедноставно остварување на правата од социјална заштита.




