Со прифатени пет амандами Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање го проследи предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина – второ читање на натамошна постапка во Собранието на Р. Македонија.
Основни цели на предлог-законот е транспонирање на Директивата 2014/52/ЕУ со што ќе се зајакне квалитетот на постапката за оценка на влијание врз животната средина односно ќе се осигури дека заштитата на животната средина е подобрена, ефективноста на ресурсите е зголемена и одржливито развој е подржан. Со него, според образложението, се врши усогласување со Директивата 2014/52/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 16 април 2014 година, со која се изменува Директивата 2011/92/ЕУ за оцена на влијанието од одредени јавни и приватни проекти врз животната средина (CELEX бр.32014L0052).
Од предложените осум амандмани на пратениците Сашко Јанчев и Борислав Крмов од Левица, членовите на Комисијата прифатија еден, а еден беше повлечен од подносителите.
Членовите на Комисијата го прифатија амандманот на Левица со кој се предлага бришење на член 13, за што заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ана Лашкоска потенцира дека Македонија не заостанува зад земјите од ЕУ.
– Во ноември 2025 година за прв пат Европската Унија ја усвои директивата за мониторинг и отпорност на почви во која во поглавјето четири се опфатени прашањата врзани со управувањето на контаминираните почви за кои што зборуваме. Значи не само за Македонија туку за цела Европа ова е една непознати и ниту една европска држава ги нема сè уште решено овие жешки точки, рече Лашкоска.
Комисијата прифти и три амандмани на пратеникот Емил Спасовски од ВМРО – ДПМНЕ. Во првиот, подносителот предлага утврдување изречна забрана за изготвување и учество во изготвување елаборати за заштита на животна средина од страна на вработените во соодветните органи на државната управа и во локалната администрација, чии работни задачи или овластувања се поврзани со оценувањето или одобрувањето на елаборатите, издавањето мислење во постапката за нивно одобрување или инспекциски надзор над исполнувањето на обврските утврдени со решенијата за нивно одобрување.
– Целта на предложеното дополнување е да се спречи преклопување на приватниот ангажман при изготвување на елаборати со службени должности, да се намали ризикот од судир на интереси и да се зајакнат непристрасноста на постапката и довербата во работата на надлежните органи. Со овој амандман практично се оневозможува вработените во општините и во државната управа да учествуваат во изработка на овие елаборати, појасни Спасовски.
Тој предложи и амандман со кој доколку општината на чие подрчаје се спроведува проектот не ги објави информациите и документацијата на својата веб страница, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да ги објави во најмалку еден дневен весник, кој се издава на цела територија на Република Македонија.
– Тоа не ја исклучува обврската за објавување на информации и документација на веб страницата на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Со предложеното прецизирање се отстранува можноста за различно толкување на одредбата и се обезбедува достапност на информација и документација за учество на јавноста во постапка за оцена на влијанието врз животната средина, појасни Спасовски.
Со последниот амандман на Спасовски, кој се однесува на член 42 став 2, како што рече, се врши допрецизирање на одредбата, односно покрај записникот треба да се приложи аудио или видео запис од расправата.
Членовите на Комисијата го прифатија и комисискиот амандман на пратеникот Пеце Милевски од ВМРО – ДПМНЕ, со кој, како што појасни, се дообјаснува членот 2 во кој би додале реченица во која ќе стои „инсталациите кои во моментот поседуваат важечка А интегрирана дозвола имаат право да го модернизираат, осовременат и надргадат процесот на производство согласно најдобро достапните техники и усогласување со законот за индустриски емисии“.
Пратеникот Сали Мурат од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, реагираше поради одбивањето на неговите комисиски амандмани и неможноста да ги образложи пред членовите на Комисијата.




