„Ова што се случува (во СДСМ) не е нешто непознато во политиката, после пораз на избори СДСМ на локалните избори претрпе сериозен пораз, имаше само 124 илјади гласа’’ посочи поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер, Димитар Ковачевски на гостување во „До полноќ со Топалова“ на МРТ.
Ковачевски одби да даде одговор на прашањето на водителката, во однос на тоа, дали е на страната на Филипче, откако претходно истакна дека појавата на Платформата 12:05 е сосема, според него, оправдана.
„Видете по убедување јас сум социјалдемократ и секој социјалдемократ од мене ја има поддршката. Игор Ивановски се има зачленето во СДСМ иста година како мене 1994 година, Славјанка беше министер во мојата влада. Таму има низа на други луѓе коишто биле дел од СДСМ. Од мене никогаш нема да чуете и не сте чуле досега лични квалификации досега за било кого, негативни, а позитивни може да чуете некого да пофалам и тоа сум го правел за голем број на министри во владата, меѓутоа во негативен контекст од мене нема да чуете, бидејќи секој човек има право да настапува во едно демократско општество на начин на кој смета дека треба да настапува“, потенцираше Ковачевски.
Доколку добие повик од Филипче за совет, за тоа каде греши Филипче или за совет во однос на превирањата и платформата, Ковачевски истакна дека тој не е советник на Филипче, ниту пак било побарано до сега некакво мислење од него.
„Неблагодарно е сега од телевизиско студио јас да бидам некаков советник. Во моментов јас не извршувам ниедна функција во СДСМ, не сум член ниту на Централниот ниту на Извршниот, јас сум само пратеник“, рече Ковачевски.
Ковачевски истакна дека плурализмот на идеи и мислења е важен дел од демократското општество, нагласувајќи дека разговорот е подобар од премолчувањето на несогласувањата. Тој посочи дека случувањата во СДСМ не го изненадуваат, бидејќи слични ситуации се случуваат и во други политички партии.
„Ние изградивме демократско општество во 91 година, и мора полека да се учиме на плурализам на идеи и плурализам на мислења, некогаш е многу подобро да се разговара отколку работите да се туркаат под тепих, за мене не е изненадување вакво нешто бидејќи вакви работи се случуваат во скоро сите политички партии“, заврши Ковачевски.




