Четириесет и девет момчиња и мажи на возраст од 16 до 60 години од карбинското село Крупиште биле убиени, свирепо стрелани, како чин на одмазда, гнев и омраза која со себе ја носела германската фашистичка војска. На 14 октомври 1944 година се собрани од своите домови, ниви, улици и се однесени пред влезот на селото Крупиште, кое сега е и крстопат кон Пробиштип, Кочани, Карбинци и Штип.

Емилија Коруновска, историчар во Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип за МИА вели дека пред 82 години неколку дена пред ослободувањето на Штип се случил најголемиот терор на месното население во овој регион. Германскиот фашистички окупатор во октомври и ноември 1944 година започнал бавно повлекување од исток и југ преку градот Штип.
Истражувањата на Коруновска по архивите на штипскиот Музеј и на нејзините колеги вели дека повлекувањето на Германците се одвивало многу отежнато. Последните попатни борби и движењето без одмор, ја исцрпувале германската војска, која со себе носела болни, ранети, па и мртви команданти.
-Поминувајќи преку осиромашените и опустошени села и населби, со постојани судири и борби, германската војска со себе носела гнев и голема омраза. Својата омраза Германците постојано ја манифестирале со безбројни убивања, грабежи и уништувања на многу имоти и куќи. Така во периодот од 14 октомври, па се до 7 ноември 1944 година, при повлекувањето, германските војски извршиле масовни убиства во селата Крупиште, Долни и Горни Балван, Аргулица, Судиќ и Врсаково, каде биле стрелани 109 лица. Селото Крупиште било запалено и уништено до темел заедно со стоката и домовите на селаните и биле стрелани над 49 мажи што биле затекнати во селото-вели за МИА Коруновска.
Таа објаснува дека за овие крвави настани, во кои настрадало машкото население од шест села, меѓу кои и во Крупиште во архивата на штипскиот Музеј се чуваат фотографии на настраданите, но и на живите сведоци, кои го имаат преживеано стрелањето и палењето на нивните домови.
Токму на 14 октомври 1944 година, Трајан Ѓоргиев од селото Крупиште имал само една година, а во овој невиден крвав пир на германската војска убиени се и неговиот татко и чичо. Осумдесет и три годишниот Трајан живо раскажува што се случило на 14 октомври. Неговото семејство му раскажало како биле убиени неговиот татко и чичко од страна на Германците.
– Селото било запалено целосно, се одело од куќа до куќа. Собирани биле сите машки лица од 15 години, па нагоре.Доведени се на местото, каде што сега е споменикот и се стрелани. Они не знаеле, што ќе им се случи, меѓутоа таму имало позади поставен митралез и почнале да ги двојат во строј и да ги стрелаат по 15 или по 20 души. Дел од собраните луѓе почнале да бегаат, некој од нив се и спасиле. Овде има место кое го викаме Орман, почнале да бегаат, некој од нив попаѓале, дел биле ранети. На местото каде што биле стрелани имало и живи, кои паднале под мртвите. Но, после 10 до 15 минути доаѓа германската позадина и со пиштоли еден по еден ги стрелаат – вели Ѓоргиев.
Телата на 49 момчиња и мажи од селото Крупиште се погребани од страна на нивните жени, мајки.
Во 1952 година од страна на Здружението на борци е подигнат споменик во нивна чест и на споменикот се напишани имињата на сите жртви.
-Овој споменик е сведоштво на еден болен и крвав настан од минатото, кој што треба да остане во нашата колективна меморија како потсетник на жртвите дадени за денешната слобода-подвлече Коруновска за МИА.
Споменикот за убиените 49 жители на село Крупиште се наоѓа покрај регионалниот пат Штип-Кочани.
Истиот ден, 14 октомври 1944, е кобен и за жителите на Уларци, рамничарско село во срцето на Кочанското Поле, десно од реката Брегалница. Денес Уларци е населено мсто во составот на општината Чешиново – Облешево.
На посочениот датум неколку десетици уларчани, машко население, се невини жртви на германската фашистичка војска. Се споменува бројка од четириесетина стрелани. Во 1967 година на сред село е подигнат споменик во нивна чест.

Кога го посетивме Уларци, врнежлив ден, пред споменикот ни пријде чичко Митре Ќиров, роден 1952 година. Неговата куќа е на педесетина метри од споменикот. Кога разбра зошто сме тука, рече дека може да ни го каже само она што за тој настан го памети од кажувањата на повозрасните од него.
Како што тој памети од она што го слушал, германската војска влегла во селото и од куќите го собирала машкото население, постари од 15 – 16 години . Луѓето и не знаеле зошто и каде ги водат. Кога сватиле што им се подготвува, некои почнале да бегаат, но не знае колку точно успеалеа да се спасат од куршумите на Германците.
Како што му кажале, чичко Митре така и пренесува.
Селаните биле постројувани во две групи и биле стрелани на две различни места. Едното е кај фудбалското игралиште кое подоцна било направено. Биле палени и куќите. Истиот ден, стрелање имало и во соседните села. Не може да ја каже точната бројка на стреланите, ниту зошто фашистичкиот окупатор го направил тој нечовечки чин. Додаде дека во селото и нема жив сведок кој би можел повеќе да ни каже.
Според монографиски податоци од различни извори, борбена единица на германската војска го извршила стрелањето во Уларци (како и во Крупиште и Балван) затоа што претходно партизаните, делови од 14. Македонска ударна бригада, срушиле мост на Злетовица и се повлекле. Потоа германските војници го направиле она што го направиле. Само еден од двете групи уларчани успеал да се спаси со бегство. По масовното стрелање, војници се враќале кај купот од телата и ги убивале оние што некако преживеале. 
Втората група била стрелана во близина на реката при што не се наведува дали кај Брегалница или кај Злетовица.
Кратко после овој ѕверски чин на фашистичкиот окупатор завршува Втората светска војна. Невините мртви и овој чин се паметат.
Имињата на стрелани во Уларци можат да се пронајдат во Зборникот на Сојузот на здруженијата на борците од Кочани отпечатен 1981 година. (МИА)







