Европа мора да ја зголеми својата финансиска поддршка за Украина, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

„Утрово, на неколку помали состаноци, истакнав дека мораме да направиме сè што е во наша моќ за да ѝ помогнеме на Украина да ја преброди зимата, како и следната година“, изјави Мерц пред новинарите.

„Исто така, ќе мора повторно да ги зголемиме средствата, со цел навистина да ѝ помогнеме на Украина на долгорочна основа“, додаде тој

Буџетот на Киев за оваа година е целосно покриен, а украинскиот министер за финансии, Серхиј Марченко, во септември за време на посетата на Брисел, изјави дека на земјата ѝ недостасуваат 32,6 милијарди долари во редовниот буџет за следната година. Во исто време, недостигот во средствата за одбрана изнесува 45 милијарди долари.

Мерц, исто така, ја отфрли можноста дел од руските средства замрзнати во Европската унија да се префрлат во САД, за потоа да се користат како средство за притисок во преговорите за мир.

Средствата, вкупно околу 210 милијарди евра (235 милијарди долари), треба да останат во Европа, рече канцеларот. „Тоа е наша работа и ние одлучуваме за тоа.“

„Фајненшел тајмс“ претходно објави дека идејата за префрлање на дел од средствата била покрената на состанок на претставници на владите на САД, Украина и Европа, одржан во Мајами. На состанокот учествуваа и Германија, Обединетото Кралство и Франција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на самитот на ЕУ во петок. Мерц минатата недела престојуваше во Киев.

„Сведоци сме на сè побрутален бран напади од страна на Русија врз Украина“, изјави Мерц во Брисел. „И останувам цврсто убеден дека ние не го браниме само територијалниот интегритет на Украина, туку го браниме и политичкиот поредок во Европа, кој Русија во секој поглед го става под сериозен притисок.