Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска ги обвини САД за поттикнување на внатрешно незадоволство и обид за предизвикување протести со својата поморска блокада, најстрогата од Исламската револуција во 1979 година, објавија француските медиуми.

Од почетокот на војната, која започна на 28 февруари со израелско-американски напади во кои беше убиен врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, Иран ја блокираше стратешката Ормуска Теснина. Како одговор на тоа САД во април воведоа блокада на иранските пристаништа.

-Во 48-те години од Револуцијата, никогаш не сме се соочиле со блокада, војна и толку сериозни тешкотии како оние со кои се соочуваме денеска, рече иранскиот претседател во говор емитуван на државната телевизија.

Според Пезешкијан, САД прават сè што можат за да „го поттикнат населението на незадоволство, а потоа да предизвикаат избувнување на социјални протести, со цел да ги постигнат своите злокобни цели“.

Ова не е првпат Иран да ги обвини САД и Израел за поттикнување на немири во земјата, забележуваат француските медиуми.

Иранските власти ги обвинија своите заколнати непријатели, САД и Израел, дека стојат зад протестното движење во јануари. Оттогаш, неколку лица обвинети за соработка со овие две земји се погубени.