Општина Чучер Сандево организираше тркалезна маса со претставници на локалната бизнис-заедница, со цел воспоставување директен дијалог за проблемите со кои се соочуваат компаниите и можностите за подобрување на условите за инвестирање.

Според информациите од Општината, станува збор за прва средба од ваков вид, на која биле поканети сите 379 регистрирани правни субјекти на нејзината територија. На средбата присуствувале 67 претставници на бизнис-заедницата, како и Александар Караев, експерт-консултант за локален економски развој ангажиран од Министерството за локална самоуправа.

Во фокусот на разговорите биле инфраструктурните проблеми, административните процедури, пристапот до општинските услуги и можностите за реализација на заеднички проекти што ќе придонесат за економски раст и отворање нови работни места.

Градоначалникот Зоран Бајовски истакнал дека локалната самоуправа има намера да воспостави вистинско партнерство со компаниите и активно да работи на надминување на пречките што го отежнуваат нивниот развој.

„Општината е тука за компаниите – не како формален партнер, туку како активен соработник. Слушаме, работиме и преземаме конкретни чекори за да ги отстраниме пречките пред инвестициските проекти, а со тоа да создадеме услови за раст и да се отворат нови работни места“, нагласил Бајовски.

Од Општината посочуваат дека при преземањето на функциите, новата општинска администрација затекнала повеќе започнати проекти без комплетна документација, за што одговорноста ја лоцира кај претходното раководство. Според општинските власти, ваквата состојба го одложува спроведувањето на проектите и наметнува потреба од дополнителни проверки и административни постапки.

Дополнителен предизвик, како што било истакнато на средбата, претставува и преклопувањето на надлежностите меѓу општините Чучер Сандево и Бутел, поради што за одредени прашања се потребни долгорочни и правно издржани решенија.

„Ние сме посветени на конкретни резултати – ќе ги отстраниме пречките, ќе ги уредиме недовршените предмети и ќе создадеме стабилни услови за инвестирање и раст. Заедно со бизнисот градиме предвидлива и просперитетна општина“, порачал градоначалникот.

Експертот за локален економски развој Александар Караев ја нагласил важноста на координацијата меѓу локалната власт, институциите и приватниот сектор.

„Клучот за траен напредок е во координацијата меѓу сите чинители и во јасно дефинираните приоритети. Потребни се краткорочни олеснувања за компаниите, но и стратешки инвестиции во инфраструктурата и дигитализацијата на услугите за да се постигнат позитивни долгорочни ефекти“, истакнал Караев.

Од Општина Чучер Сандево најавуваат дека предлозите и забелешките изнесени од компаниите ќе бидат земени предвид при подготовката на идните акциски планови.

Приоритет ќе биде уредувањето на недовршените предмети, забрзувањето на административните процедури и подготовката на правно и технички комплетни решенија за посложените инфраструктурни и инвестициски прашања.

Локалната самоуправа најавува дека оваа средба треба да претставува почеток на континуирана комуникација со бизнис-заедницата, со цел создавање постабилна, попредвидлива и поповолна деловна клима во општината.