Лидерката на француската крајно десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, изјави дека е подготвена да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски за можноста за суспендирање на француската финансиска помош за Украина, наведувајќи дека Париз повеќе нема доволно средства за таква поддршка.
„Можеме да разговараме за оваа тема сосема нормално кога тој сака“, рече Ле Пен во интервју за телевизијата CNews.
Доколку добие покана, додаде, со задоволство би отпатувала во Украина и би разговарала со Зеленски, но повтори дека Франција повеќе не може да си дозволи финансиска помош, за која тврди дека изнесува шест милијарди евра годишно, пренесува BFM.
Претходно, во интервју за британскиот весник „Фајненшл Тајмс“, Зеленски оцени дека Ле Пен „не познава доволно добро одредени детали“ во врска со трошоците за француската помош за Украина.
Според податоците на Германскиот институт за светска економија од Кил, од февруари 2022 до август 2026 година, Франција издвоила или презела обврски во вредност од околу 27 милијарди евра за да му помогне на Киев, што одговара на износ од приближно шест милијарди евра годишно.
Меѓутоа, директната билатерална финансиска помош на Франција за Украина изнесувала 799 милиони евра за време на четири и пол години војна, пресмета институтот.
Најголемиот дел од билатералната помош бил поврзан со воена поддршка, вклучувајќи оружје и воена опрема, чија вредност се проценува на 6,2 милијарди евра.
Ле Пен изјави дека доколку биде избрана за претседателка на Франција, таа ќе продолжи да обезбедува воена помош за Украина, вклучително и снабдување со опрема, но ќе ја суспендира директната финансиска поддршка.
Таа неколку пати повтори дека Франција повеќе нема можност да продолжи со финансиската помош за Киев, иако ќе одржува одредени форми на воена соработка.
Зеленски истакна дека целта на помошта не е директно финансирање на Украина, туку зајакнување на нејзините одбранбени и безбедносни капацитети.
„Не станува збор за тоа денеска да и се плати на Украина, туку за помагање да зајакне и за возврат да обезбеди безбедност благодарение на искуството што го стекнала“, рече украинскиот претседател.
Франција, исто така, учествува во програмите за помош за Украина преку Европската Унија, кои вклучуваат финансиска, воена и хуманитарна поддршка.
Според податоците од Институтот Кил, директната финансиска помош од земјите-членки на ЕУ за Украина изнесувала вкупно 7,1 милијарда евра, додека воената помош достигнала 81 милијарда евра.
Зеленски досега не дал коментар за можноста да ја покани Ле Пен во Украина.
Од почетокот на војната, според француските медиуми, само еден претставник на Националниот собир ја посетил Украина – Лоран Жакобели, кој бил во оваа земја во септември 2026 година како дел од парламентарна мисија за европска одбрана.




