Две држави членки на Европската Унија ѝ одзеле на Македонија 21 година од нејзиното институционално приближување кон Унијата, изјави Андреј Пленковиќ, бранејќи ги осумте услови што Загреб ги постави пред Црна Гора.

Тој тврди дека Хрватска постапува конструктивно, за разлика од начинот на кој Македонија била блокирана на својот европски пат.

– На пример, ја имате Македонија, која во 2000 година беше пред Хрватска во институционален поглед, а сè уште не ги отвори преговорите. Постојат две држави кои од 2005 до 2026 година одзедоа 21 година од институционалното приближување на Македонија кон ЕУ – изјави Пленковиќ во Брисел.

Изјавата доаѓа во момент кога Германија врши силен дипломатски притисок врз Загреб да не го забавува пристапувањето на Црна Гора. Според „Еуроњуз“, Берлин веќе понудил и посредување во спорот.

Хрватскиот премиер алудираше на долгогодишните блокади на Македонија од Грција и Бугарија во изјавата.

– Хрватска не го презеде тој пристап. Наспроти тешкото наследство, ние кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно и ги издвоивме оние точки за кои сметаме дека треба да ги исполнат, кои како идни членови на ЕУ треба да ги преземат како европски вредности.

Берлин го притиска Загреб, Германија понудила посредување

И покрај уверувањата на Пленковиќ дека Хрватска постапува конструктивно, германската влада го засилува дипломатскиот притисок за да спречи спорот меѓу Загреб и Подгорица да го закочи проширувањето на Европската Унија.

Според „Еуроњуз“, кој се повикува на четворица функционери директно запознаени со разговорите, Германија е најактивната земја во обидите да се најде решение за осумте хрватски барања.

Владата на германскиот канцелар Фридрих Мерц веќе понудила посредување меѓу двете земји, но оваа иницијатива сè уште не е реализирана.

Берлин стравува дека блокирањето на Црна Гора, која се смета за најнапреден кандидат за членство, би можело да го загрози целиот процес на проширување.

Во дипломатските напори се вклучила и Европската комисија, додека повеќе земји членки предупредуваат дека билатералните спорови не треба да се претвораат во пречка за пристапувањето.

Калас: Проширувањето не смее да биде заложник на спорови

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на самитот во Брисел предупреди дека процесот на проширување не смее да биде условуван со билатерални прашања.

– Навистина е важно да не го билатерализираме процесот на проширување. Европа е многу мал континент. Треба да бидеме посилни заедно со земјите што се дел од Европа – изјави Калас.

Таа нагласи дека проширувањето има и безбедносна димензија, бидејќи новите членки можат да придонесат за зајакнување на Европската Унија.

Слични резерви има и Луксембург, кој ја критикува практиката државите членки да ги користат пристапните преговори како средство за решавање меѓусебни спорови.

Наследството од војните ги разбуди 

Дипломатскиот притисок следува откако Пленковиќ ги запозна европските лидери со осумте барања на Хрватска кон Црна Гора.

По неговата интервенција, од нацрт-заклучоците на Европскиот совет биле отстранети формулациите што предвидувале привремено затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година и што побрзо финализирање на пристапниот договор.

Станува збор за отстранување на временските одредници од нацрт-документ, а не за формална одлука за прекин на преговорите.

Шест од хрватските барања се поврзани со Поглавјето 23, кое се однесува на судството и основните права, додека преостанатите две се од Поглавјето 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Спорните прашања главно се однесуваат на наследството од војните во деведесеттите години, истрагите за воени злосторства, обесштетувањето на жртвите, имотните побарувања и нерешените гранични прашања.

Пленковиќ во четвртокот изјави дека Загреб со години укажува на овие проблеми, но дека во последните две години не е постигнат напредок.

– Нема напредок во последните две години – рече хрватскиот премиер, нагласувајќи дека неговата земја била исклучително конструктивна во преговорите.

Македонија бара гаранции, посредништво и одложено дејство

Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ во декември 2005 година, но со години не можеше да ги започне пристапните преговори поради спорот за името со Грција.

По Преспанскиот договор од 2018 година и промената на уставното име, нова пречка стана спорот со Бугарија, која во 2020 година го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка.

Македонската влада во меѓувреме ги повторува своите црвени линии за уставните измени, инсистирајќи на гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде проследено со нови блокади на европскиот пат.

Премиерот Христијан Мицкоски предлага измените да имаат одложено дејство, односно да стапат во сила по завршувањето на пристапните преговори, но Софија го отфрла таквото решение.

Последната средба на шефовите на дипломатиите Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова не донесе приближување на ставовите, иако Мицкоски најави продолжување на дијалогот со Бугарија, со поголемо вклучување на европските институции.