Гласањето на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 17 часот се одвива непречено и без забележани потешкотии, а излезеноста изнесува 39,34 проценти, според Државната изборна комисија.

Според објавените податоци на ДИК до 17 часот гласале 6.392 граѓани на сите 24 избирачки места.

Од изборната комисија претходно најавија дека следниот пресек на излезеноста ќе биде соопштен во 18:30 часот, врз основа на податоците заклучно со 18 часот.

Жителите на Општина Брвеница денеска избираат градоначалник на предвремените локални избори, распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава.

За градоначалничката функција се кандитирани шест кандидати. Стојанчо Радически е кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески е кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини настапува како кандидат на коалицијата ВРЕДИ, Аркин Јахији е кандидат на Националната алијанса за интеграција (НАИ), а во трката се и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Функцијата вршител на должност градоначалник во изминатиот период ја извршуваше Роберт Милошески.

Во Избирачкиот список се запишани вкупно 16.256 избирачи од десетте населени места во општината, од кои 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.