Последните промени во календарот за имунизација ги направивме 2024 година, кога за ХПВ вакцината воведовме вакцинација и кај момчиња и кај девојчиња, и преминавме од четиривалентната на деветвалентната ХПВ вакцина, вели во интервју за МИА, проф. д-р Александра Грозданова, професор на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и претседател на Националната комисија за имунизација при Министерството за здравство.
– Сега предвидуваме воведување на поливалентни, односно со повеќе серотипови пневмококни вакцини. Досега ја користиме 13-валентната пневмококна вакцина, очекуваме дека ќе преминеме кон поголема валентност, 15- односно 20-валентна вакцина. Тоа се тековните промени што ќе бидат во овој временски период. За ХПВ вакцината да најавиме дека ќе се даде препорака да се прима и до 26 години и кај индивидуи коишто се епидемиолошки и клинички во ризик, вели Грозданова.
Таа најавува дека следна препорака од експертската комисија ќе биде РСВ вакцината, односно вакцина за респираторниот синцицијален вирус кај ризични групи на ноовороденчиња кои се раѓаат во периодот кога РСВ е доминантен како вирус.
Проф. д-р Грозданова во интервјуто говори и за превентивното одложување на БСЖ вакцината кај новороднчиња во очекување на набавквата од нов производител, за опфатот со вакцинација кај различни вакцини, за повеќевалентните вакцини, за важноста од здравствена едукација на младите за имунизацијата, како и за сè поголемиот интерес за вакцинацијата за сезонскиот грип.
-Очекувам дека и со наговестувањето на новата категорија на вакцини – а тоа се канцер терапевтските вакцини, како што е ХПВ вакцината, па вклучително понатаму ќе имаме и канцер профилактички вакцини, ќе се смени перцепцијата за тоа што значи вакцината и што значи превентивата и профилаксата, вели д-р Грозданова.
Колку вкупно задолжителни вакцини треба да прими едно лице во земјава, почнувајќи од неговото раѓање?
– Нашиот задолжителен календар за редовна имунизација предвидува вакцинирање против 13 инфективни заболувања, почнувајќи од самото раѓање. Во првите 72 часа во родилиштата се примаат БСЖ и Хепатит Б. Потоа се продолжува со дифтерија, тетанус, полио, пертусис, морбили, мампс и рубеола, Хепатит Б, рота и пневмококна вакцина. Значи, до година дена се примаат сите овие вакцини, и потоа редовниот календар предвидува редовни вакцини до 14-тата, односно 19-тата година од животот.
Има ли новини во националниот календар за вакцинација, колкав е процентот на опфатеност со вакцини во државата и што тоа значи, споредбено со други држави?
– Последните промени ги направивме 2024 година, кога за ХПВ вакцината воведовме вакцинација и кај момчиња и кај девојчиња, и преминавме од четиривалентната на деветвалентната ХПВ вакцина. Сега предвидуваме воведување на поливалентни, односно со повеќе серотипови пневмококни вакцини. Досега ја користиме 13-валентната пневмококна вакцина, очекуваме дека ќе преминеме кон поголема валентност, 15- односно 20-валентна вакцина. Тоа се тековните промени што ќе бидат во овој временски период. За ХПВ вакцината да најавиме дека ќе се даде препорака да се прима и до 26 години и кај индивидуи коишто се епидемиолошки и клинички во ризик.
Како нови вакцини коишто експертската комисија, Националната комисија за имунизација ги предвидува, е препораката за РСВ вакцината, тоа е вакцина за респираторниот синцицијален вирус, којашто се надеваме дека Министерството за здравство ќе излезе во пресрет да ја набави, особено за ризичните групи на новороденчиња, а тоа се прематурчињата, значи предвремено родените, и оние коишто се со мала родилна килажа или во одредени имунокомпромитирани здравствени состојби, и сезонски се јавуваат, се раѓаат во периодот кога РСВ е доминантен како вирус. Тоа ќе биде следната препорака од експертската комисија.
Со секоја од вакцините, има различен опфат. Последните десетина години секаде во светот, и во регионот, и во Македонија имаме благ пад на опфатот со вакцинација. Работиме интензивно за зголемување на опфатот. Ниту една од вакцините нема постигнато она што значи 95 проценти опфат, којшто е препорачан за да може да се постигне колективниот имунитет на населението.
Како вакцини што ни се со најмал процент на опфатеност ни се сѐ уште ХПВ вакцината, бидејќи таа до пред некоја година беше исклучиво за девојчиња, сега е и за момчиња и за девојчиња, а другата вакцина што ни е со низок опфат, ни е ММР вакцината за морбили, мампс и рубеола. Тие две вакцини ни се во процент помал од 70 отсто. Сите други ни се помеѓу 70 и 85 проценти како опфат.
Која е разликата меѓу едновалентните и тривалентните вакцини и колкава е успешноста на имунизација со нив, дали зборуваме за нова тенденција во имунизација?
– Едновалентна вакцине е кога во дадената вакцина постои само еден антиген, односно истата вакцина заштитува само од една болест. Такви ни се, на пример, Хепатит Б – само за Хепатит Б, таква ни е БСЖ вакцината, таква ни е пневмококната вакцина. Иако е пневмококната вакцина едновалентна, ние велиме само за една болест, меѓутоа таа има повеќе серотипови во себе, односно заштитува кон повеќе серотипови по својот состав. Сега ја користиме 13-валентната пневмококна, очекуваме да преминеме на 15, односно 20-валентна. Ефикасноста на вакцините, во исто време ги користиме повеќе поливалентните вакцини, на пример ДиТеПер вакцината, што има во себе и дифтерија, и тетанус, и пертусис, и полио. Дел од нив имаат и Хепатит и Хемофилус. Значи имаме вакцини што во себе содржат шест антигени, тоа се шестовалентните вакцини, и тие со едно боцкање обезбедуваат заштита кон сите тие шест инфективни состојби.
Тоа е со цел да се намали изложеноста на детето кон повеќе боцкања и тоа е тенденција секаде во светот, кога во една формулација, во една инјекција се ставаат повеќе антигени во една вакцина со цел да се покријат повеќе болести. Во однос на ефикасноста, еве на пример вакцината за ХПВ од четири преминавме на деветвалентна, заради тоа што се утврди дека дополнителните пет серотипови се оние коишто предизвикуваат, односно се исто така асоцирани со цервикалниот карцином. И беа воведени тие дополнителни пет серотипови во деветвалентната ХПВ вакцина,чија поголема валентност секако обезбедува и поголема заштита од тие инфективни заболувања.
Има ли отпор кога станува збор за вакцинирање и во кој дел е тој отпор најизразен? Постои ли опасност од враќање на веќе искоренети болести?
– Да, имаме отпор. Последните децении можам да кажам дека вакцинацијата секаде во светот бележи еден генерално надолен тренд. Но, од друга страна, состојбите како што беа во 2024 и 2025 на нашите простори кога имавме епидемија со пертусис, всушност ни покажаа дека да, и болести коишто не сме ги имале или историски наназад долго време не биле присутни, кога ќе се намали опфатот со вакцинација, тие се враќаат.
Тоа беше сега случајот со пертусис, со една потврдена стара болест, со една стандардна вакцина, бидејќи многу често се дискутира дека имаме нови вакцини, нови болести. Напротив, ова беше една класична болест, магарешка кашлица, којашто нашите баби и дедовци гледале.
Дури и младите доктори кои требаше да ги прегледуваат децата, немаа никакво искуство претходно, не можеа да препознаат како изгледа пертусис, затоа што ниту во нивната едукација, ниту во нивното професионално искуство немаа сретнато случај со пертусис. Но, намалувањето со опфатот нè доведе во ситуација да имаме преку 2.000 деца со пертусис.
Во 2018 и 2019 година имавме епидемија со морбили, исто така, поради намалување на опфатот со ММР вакцината. Тогаш имавме 1.901 случај на инфицирани деца и, за жал, имавме 4 смртни случаи. Во 21. век, во 2019 година да кажете дека имате смртни случаи од морбили е страшно поразително, меѓутоа тоа се токму аргументи што покажуваат дека вакцините функционираат сè додека се примаат во широк опфат и за којшто не случајно е кажано дека треба да биде повеќе од 90-95 отсто, бидејќи на тој начин се заштитуваат и оние коишто не може да ги примаат вакцините.
Отпорот постои, не секогаш и од сите. Од друга страна, новите и младите генерации се многу посвесни, здравствено поедуцирани и тоа го гледаме со тоа што младите луѓе ја прифатија ХПВ вакцинацијата, ги прифаќаат вакцините што им се потребни кога одат да студираат надвор, тие секако сите оние вакцини што на пример во текот на редовниот календар ги пропуштиле, потоа мораат да ги примаат.
Гледаме сè поголем интерес за вакцинацијата за сезонскиот грип, тоа потврдува дека од друга страна луѓето коишто виделе бенефит од вакцинацијата и биле заштитени, знаат да ја препознаат таа придобивка.
Очекувам дека и со наговестувањето на новата категорија на вакцини – а тоа се канцер терапевтските вакцини, како што е ХПВ вакцината, па вклучително понатаму ќе имаме и канцер профилактички вакцини, ќе се смени перцепцијата за тоа што значи вакцината и што значи превентивата и профилаксата.
Кај кои вакцини имаме најголема заинтересираност на населението за вакцинирање, а кај кои најмала? Каков е интересот за примање вакцини по општини или региони?
– Во извештаите од Институтот за јавно здравје може да се видат комплетно сите детали за овие информации, меѓутоа има голема разлика од регион во регион. Ние имаме во Македонија градови како Кочани, како Валандово, како помалите места во коишто имаме и 100 отсто опфат.
Состојбата што се случува во овие помали градови се должи на тоа што авторитетот што здравствените работници го имаат е многу подобaр, комуникацијата е поблиска – во малите градови сите ги знаат лекарите, директно контактираат со нив, го гледаат примерот. Јас секогаш кажувам, кога педијатарот во малиот град ќе ги вакцинира своите внуци, кога докторката ќе ги вакцинира своите ќерка и син за ХПВ, не ви треба многу убедување на населението – покажувате со сопствениот пример.
Меѓутоа, го имаме едно Скопје, во коешто живее пола Македонија, во којашто тој директен контакт со лекарот е малку поинаков, во којшто влијанието на социјалните мрежи, на неформалните комуникации, на мисинформациите, на дезинформациите, на лажните вести – се доминантно присутни и ги носат родителите во една позиција да не можат правилно да одлучат.
Затоа се обидуваме многу да ги адресираме правилните начини на комуникација, да се информираат на вистинско место, да разговараме транспарентно за сите состојби што се случуваат, да бидат информирани навистина за сите и состојби што се јавуваат, и проблеми, и што е тоа што може да очекуваат од вакцинација. Бидејќи на таков начин, во една директна соработка со родителите, ја добивате и нивната доверба и во еден партнерски однос да донесат одлука за вакцинирање на своето дете.
Во однос на вакцините, немаме некаков проблем со вакцините што се, да речеме, во категоријата на ДТП вакцините, пневмококната, рота вакцината одат со голем интерес. Најголем проблем секогаш се јавува за ММР вакцината, поради таа историски неоправдана, без никаква научна основа, поврзаност со аутизмот, меѓутоа ете остана како една дезинформација што сè уште провејува.
И на добар пат сме, од година во година сè подобра и поголема заинтересираност имаме за ХПВ вакцината.
По препораките на здравствените власти за одложувањето на бесеже вакцинацијата кај бебињата како превентивна мерка до набавката од производител од Јапонија, дали заради ова пролонгирање треба да постои загриженост кај родителите?
– Секако дека е очекувано дека ваквата состојба ќе даде некаква загриженост кај родителите. Меѓутоа, од друга страна, целиот случај го комунициравме најтранспарентно и најдиректно и најбрзо што можевме. Случаите за поврзаност помеѓу БСЖ вакцината и остеомиелитот што се јавија во Хрватска – тоа беа четири случаи, сега се истражуваат и сè уште не постои директна причинско-последична корелација. Значи, сè уште не сме сигурни дека четирите случаи на остеомиелитис се должат на БСЖ вакцината.
Меѓутоа, ние превентивно делувавме – дека во тој период додека не ги добиеме точните податоци во однос и на сериите и дали навистина ќе се потврди таа директна асоцираност – времено ја одложивме вакцинацијата. БСЖ вакцината може да се прими, не само во првите 72 часа, може да се прими и после еден месец и после три месеци, до година дена од детето може да ја прими вакцината. Значи, ќе биде на некаков начин овозможена континуирана вакцинација. Во овој период, со вакцините од „Булбио“ правиме времено одложување на вакцинацијата, додека не ги добиеме детално информациите и во меѓувреме, проактивно делувавме да обезбедиме преку УНИЦЕФ, набавка на друг тип на производител за БСЖ вакцините, со цел да имаме континуирано снабдување. Затоа што сепак, Македонија има повеќе од стотина во моментов, активни случаи на туберкулоза и сè уште туберкулозата како болест, е присутна во нашата земја.
Здравствената едукација кај младите е многу битна – да се едуцираат, да прашуваат, правилен извор. Направивме неколку портали, „е -здравство.мк“. Направивме многу добра апликација – „Мое здравје“.
Младите се дигитално писмени, нека ги добиваат информациите и нека ги базираат своите одлуки во консултација со здравствените работници и со правилните начини на информирање.
До здравствените работници, потребна е нивната комплетна поддршка и во процесот на имунизација и во процесот на превенција генерално, заради тоа што во ваквите демографски променети услови, кога имаме сè постара популација, кога имаме сè повеќе хронично болни пациенти, превентивата ќе биде алатката којашто ќе го направи тој финансиски притисок врз здравствените системи, да биде помал.
Еве, сезоната на грип е пред нас. Верувајте дека е многу поедноставно сите возрасни граѓани над 65 години, сите хронично болни, вклучително сите здравствени работници, трудниците и децата помеѓу над 6 месеци и 5 години, коишто се во оние ризични групи за коишто државата обезбедува бесплатни вакцини за грип, да ги вакцинираме.
Истиот тој пациент, кој прима хронична терапија, којшто е со хипертензија, којшто е со кардиоваскуларни заболувања, сезоната на грип многу поедноставно ќе ја помине, доколку биде заштитен со вакцината за грип и секако, нема да има компликации што, доколку се случат, понатаму тешко се лекуваат и во однос на квалитетот и здравјето на самиот пациент, меѓутоа и во однос на финансискиот аспект од лекувањето во здравствениот систем. (МИА)




