Валтер Лонго е роден во Џенова 1967 година. Денес е професор по геронтологија и биолошки науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија, САД (USC), директор на тамошниот Институт за долговечност и координатор на истражувачката група за онкологија и долговечност при IFOM, Институтот за молекуларна онкологија во Милано.

До оваа кариера не стигнал по права линија. Во младоста сакал да стане рок-музичар, а докторирал биохемија на американскиот UCLA во 1997 година. Постдокторската обука ја поминал во невробиологијата на стареењето и Алцхајмеровата болест на USC, под менторство на Кејлеб Финч, еден од пионерите на истражувањето на долговечноста.

Меѓу неговите признанија се престижните награди Nathan Shock Lecture Award на американскиот Национален институт за стареење (2010), Vincent Cristofalo (Rising Star) на Американската федерација за истражување на стареењето (AFAR, 2013) и Glenn за истражување на биолошките механизми на стареењето (2016).

Во 2018 година списанието „Тајм“ го вброи меѓу 50-те највлијателни луѓе во здравството, а „Сајенс“ во 2021 година го опишува како пионер во областа на исхраната и ракот.

Неговите истражувања се фокусираат на механизмите на стареењето и на можноста преку исхраната да се влијае врз ризикот од болести поврзани со возраста. Една од главните насоки е диетата што имитира пост (fasting-mimicking diet, FMD), која се истражува и во контекст на регенерацијата посредувана од матични клетки.

Сепак, научната работа на Лонго има и комерцијална димензија. Тој ја основал компанијата „Л-нутра“ (L-Nutra) преку која се комерцијализира диетата што имитира пост, вклучително и комплетот ProLon.

Лонго, од друга страна, наведува дека авторскиот профит од неговите книги го донира за истражувања и непрофитни програми преку Фондацијата „Валтер Лонго“ во Милано и Create Cures Foundation во Лос Анџелес.

Од музичар кој сонувал за рок-кариера, станавте еден од најпознатите научници што се занимаваат со долговечноста. Кој беше моментот што целосно го промени правецот на Вашиот живот?

– Мислам дека тоа беше моментот кога открив две генски мутации благодарение на кои едноставните организми може да живеат петпати подолго. Едната е поврзана со метаболистичкиот пат на аминокиселините, а другата со оној на шеќерите.

Дали за еден научник е поважна љубопитноста или дисциплината?

– Сметам дека и двете се многу важни. Ако успеете да ги споите, тогаш имате потенцијал да направите повеќе значајни откритија, кои ќе бидат потврдени од други.

Во која мера Вашето италијанско потекло и медитеранската култура влијаеле врз вашите идеи за исхраната и долговечноста?

– Голем дел од споредбите помеѓу Италија и Италијанците, од една страна, и САД и Американците, од друга, ми помогнаа да ги обликувам моите интереси и истражувања. На пример, зошто моите роднини со италијанско потекло во Чикаго добиваа дијабетес и кардиоваскуларни болести во рана фаза, а членовите на истото семејство во Италија – не?

Кога би требало да го објасните „здравото стареење“ во една реченица, како би гласела таа?

– Да се остане високо функционален, без болести и без употреба на лекови сè до длабока старост, како и да се остане функционален и релативно независен сè до смртта.

Која е најголемата заблуда што ја имаат луѓето во врска со долговечноста?

– Дека со „биохакинг“ лесно ќе живееме подолго и поздраво.

Дали луѓето денес живеат подолго или само подолго стареат?

– Луѓето живеат исто долго или малку подолго, но целото тоа продолжување на животот се сведува на денови или години поминати во болест и немоќ.

Што претставува поголем непријател за долговечноста: стресот, лошата исхрана или недоволното вежбање?

– Мислам дека тоа е вештачката интелигенција.

Вашата „диета што го имитира постот“ стана светски позната. Која е најчестата заблуда во врска со постот?

– Дека секаков вид пост е добар за вас, но, всушност, повеќето форми на пост се поврзани со пократкиот животен век; само некои практики на постење се поврзани со подолг и поздрав живот. Постот може да биде ризичен за многу луѓе, особено за оние што се слаби и кревки или за оние што земаат одредени лекови, како што се инсулинот или ГЛП-1.

Што би му препорачале на едно младо лице што сака поздрав живот, но е опкружено со брза храна и постојан стрес?

– Да ја прифати исхраната за долговечност и протоколот FMD, добро да спие и да вежба.

Кога би морале да елиминирате само една навика што е најштетна за телото, која би била таа?

– Исхрана богата со протеини од животинско потекло.

Ако знаете како да го забавите стареењето, дали тоа повлекува и морална одговорност кон општеството?

– Ако живеете 20 отсто подолго, но многу поздраво – сите добиваат.

Дали стравот од смртта е причината поради која луѓето се толку опседнати со долговечноста?

– Веројатно.

Што повеќе Ве плаши: краток живот или долг живот без квалитет?

– И двете.

Дали науката денес е премногу фокусирана на продолжување на животот, а премалку на среќата и смислата?

-Не, но, дефинитивно, треба да се фокусираме на подолг и поздрав живот.

По сите овие години истражување на стареењето, дали денес живеете поопуштено или посовесно?

– Посовесно бидејќи вештачката интелигенција ме плаши мене и повеќето луѓе.

Ако можевте да му дадете само еден совет на вашето 20-годишно јас, што би му кажале?

– Неопходна е силна контрола врз вештачката интелигенција.

Што би било првото нешто што би го промениле во исхраната на светот ако имавте таква моќ?

– Би ги замолил секого да прифати диета за долговечен живот и FMD, вклучувајќи 12-часовен пост.

Кој е најизненадувачкиот факт што науката го откри за човечкото тело во последните години?

– Дека повторно хранење со пост може да поправи многу видови оштетувања на органите.

Што е поважно за долг живот: гените или секојдневните избори?

– И двете.

Што никогаш не јадете?

– Речиси никогаш црвено месо.

Колку часа дневно јадете, а колку време постите?

-12:12.

Дали би избрале да доживеете 120 години ако тоа подразбира строга дисциплина секој ден?

– Апсолутно. Јас сум дисциплиниран. Дисциплината е, всушност, добра, дури и ако живеете над 80 години.

Што е поважно: здраво тело или здрав мозок?

– И двете.

Кое е Вашето слатко нездраво задоволство кога станува збор за храната?

– Чоколадото.

Дали навистина можеме да го измамиме стареењето?

– Само привремено.