Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е меѓу 100-те жени од целиот свет избрани во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој“. На 15 октомври таа ја претставуваше Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на ФАО за својот придонес во земјоделството и застапувањето за правата на руралните жени, соопшти ФАО.

Пармачка заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Нејзиното секојдневие е посветено на грижата за животните, производството и пласманот на храната, а сточарството го гледа како професија од која може чесно и достоинствено да се живее.

-Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство – изјавила Пармачка.

Покрај работата на семејната фарма, таа е членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), каде што се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, зајакнување на нивните права и подобрување на условите за работа и живот.

-Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува – нагласила Пармачка.

Преку заедничкото дејствување во НФФ, жените фармери придонеле за иницирање посебна мерка за поддршка на нивните инвестиции во Програмата за рурален развој. Нивното застапување придонело и за воспоставување програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, отворајќи пат кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните жени фармери.

-Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените, изјавила таав, посочувајќи дека здружувањето овозможува заедничките предизвици да се претворат во конкретни предлози и решенија.

Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации, со цел да се истакне придонесот на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници.

-Признанието за Пармачка ја истакнува улогата на земјоделките од Северна Македонија и нивниот придонес во производството на храна, развојот на семејните стопанства и застапувањето за подобри услови во земјоделството. Таа верува дека поголемата поддршка, еднаквите можности и подобрите услови можат да охрабрат повеќе жени да останат во земјоделството и да го развиваат својот потенцијал. Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека работата на семејната фарма може да биде основа и за поширок општествен ангажман, кој придонесува за унапредување на положбата на жените во руралните средини – се наведува во соопштението на ФАО.

Фото: ФАО