Русија не го започна процесот на нарушување на стабилноста на светските енергетски пазари, а за кризата во тој сектор се одговорни Европската Унија (ЕУ) и претходната американска администрација, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите во Техеран со неговиот ирански колега Абас Арагчи.

По средбата со Арагчи, Лавров изјави и дека Москва не напаѓа цивилна инфраструктура во Украина, освен објекти што директно се користат за снабдување на украинските вооружени сили.

Никогаш не сме изведували напади врз цивилната инфраструктура на Украина, освен во случаи кога станува збор за објекти што директно испорачуваат соодветни производи за украинските вооружени сили, кои потоа изведуваат терористички напади врз руски граѓани – изјави Лавров.

Двајцата министри разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток и во светот, како и за начините за зајакнување на билатералните односи меѓу Русија и Иран.

Економската соработка напредува со добро темпо и можам да кажам дека нема посериозни проблеми – изјави иранскиот министер на прес-конференцијата по средбата.

Од своја страна, Арагчи ги обвини САД дека се одговорни за несигурноста во Ормуска Теснина и дека „наметнале војна“.

Конфликтот што го наметнаа САД и Израел, во комбинација со економската блокада, е главниот извор на несигурност во нашиот регион – изјави иранскиот дипломат.

По разговорите со Арагчи, рускиот министер планира да се сретне и со претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан.

Лавров пристигна во Техеран од Бахреин, каде што учествуваше на деветтата рунда од стратешкиот дијалог меѓу Русија и Советот за соработка на арапските држави од Персискиот Залив.