Италијанската влада ќе испрати дополнителни 500 војници за да го „одбранат Милано“ по дводневните немири во кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбија продавници и уништија имот, изјави вицепремиерот Матео Салвини.

Се очекува распоредувањето на војниците да биде дел од пакетот безбедносни мерки за кои владата треба да одлучи на денешната седница. Таа одлука е донесена во време кога продавниците во центарот на Милано почнаа порано да ги затвораат вратите поради стравување од повторна појава на насилство во италијанскиот финансиски центар, пишува Гардијан.

„Од зборови на дела: уште 500 војници за да го одбранат Милано“, напиша на социјалните мрежи Салвини.

Неколку стотици демонстранти со качулки, од кои многу се верува дека се малолетници, запалија контејнери за ѓубре и ограбија продавници во центарот на градот за време на викендот. Немирите избувнаа по протестот одржан во саботата, кој првично беше мирен, а учесниците сакаа да предупредат за лошите јавни услуги и растечките трошоци за живот.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која се соочува со национални избори следната година, го осуди насилството и вчера одржа состанок со министрите и шефовите на безбедносните сили за да разговараат за ситуацијата.

„Владата решително ќе одговори на овие напади врз државата, вклучително и мерки насочени кон сузбивање на малолетничкото насилство“, напиша на социјалната мрежа X министерот за надворешни работи Антонио Тајани, кој, како и Салвини, е и заменик-премиер.

Според „Кориере дела Сера“, Мелони размислува за продолжување на превентивниот притвор за малолетници и справување со малолетничките банди како дел од планираните мерки. Се разгледува и претходното воведување на одредени одредби од постојниот закон за безбедност, кој моментално е во парламентарна процедура.

Италијанската полиција објави дека привела 271 млад човек за време на немирите во неделата во Милано. На немирите им претходеа судири во саботата во други градови во северна Италија, вклучувајќи ги Болоња, Бреша, Бергамо и Торино. Според полицискиот извештај објавен во неделата, 28 демонстранти биле уапсени во Торино.

Немирите потсетуваат на оние во соседна Франција, каде што стотици илјади луѓе, незадоволни од зголемувањето на трошоците за живот и влошувањето на јавните услуги, излегоа на улиците во саботата. Ова се едни од најнасилните протести во таа земја во последните години.