Од почетокот на протестите во Албанија, на 13 октомври, повредени се вкупно 310 лица, вклучувајќи 191 полицаец, јавија албанските медиуми повикувајќи се на албанското Министерство за здравство.

Само двајца од повредените се хоспитализирани. Меѓу повредените е и грчки новинар, чиј живот не е во опасност.

На седмиот ден од протестите вчера, демонстрантите се собраа, како и претходните денови, пред Министерството за образование на Албанија во Тирана. Протестот траеше десет часа. Подоцна, беа регистрирани напади со камења врз полицијата, која одговори со солзавец, како и врз зградата на Апелацискиот суд во главниот град. Група маскирани демонстранти ги скршија прозорците на објектот, ја скршија влезната врата и влегоа во зградата додека полицајците беа внатре. По нападот се приведени пет демонстранти, вклучувајќи еден малолетник, а по уште 15 се трага.

Полицајците вчера патролирале во различни делови од Тирана за да спречат масовни собири. Се наведува дека демонстрантите биле придружувани од колони полициски автомобили со вклучени сирени по еден од главните булевари во центарот на Тирана.

Подоцна, полицијата повторно беше нападната со запалливи средства и молотови коктели, а против нив беа употребени ласери за заслепување.

Демонстранти беа приведени и во дворот на Православната црква „Воскресение Христово“ во центарот на градот, по што црквата упати повик да се дистанцираат од насилството, да ги решаваат конфликтите преку дијалог и да ги почитуваат светите места.

По десет часа, протестот заврши пред зградата во која се наоѓа канцеларијата на премиерот Еди Рама. Собраните луѓе пред зградата протестираа мирно и не носеа маски.

На вчерашниот протест демонстрантите фрлија фалсификувани банкноти од 2.500 евра пред канцеларијата на Рама за да се потсмеваат на ветувањето на албанската влада за обештетување на полицајците со оваа сума. Предлогот беше одобрен синоќа со одлука на Албанскиот совет на министри, при што вкупно 2.750 полицајци го добија бонусот, објавуваат албанските медиуми.

Студентите демонстранти, кои водат кампања за соборување на премиерот Еди Рама, ги обвинуваат властите за корупција и занемарување на образованието. Нивните демонстрации следат по месеци мирни протести против продажбата на недопрен дел од албанскиот брег за изградба на одморалиште поврзано со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Студентските протести, кои започнаа на 13 октомври во Тирана, беа обележани со судири со полицијата, а демонстрантите запалија владини згради и банки и оштетија јавен и приватен имот.

Рама ги обвини Русија, Иран, крајно левичарското движење Антифа, политичките и религиозните екстремисти, како и лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, дека се дел од сложена мрежа на влијание што ги поттикнува протестите во земјата со цел поттикнување насилство и ширење дезинформации.