Чадот предизвикан од пожарот во депонијата во селото Еднокуќево се чувствува и во околината на Струмица, и покрај интервенцијата на пожарникарите.
Екипите на струмичките пожарникари вчера интервенирале двапати, во попладневните и ноќните часови, но пожарот сè уште не е целосно изгаснат. Денеска, уште од раните утрински часови, пожарникарите-спасители повторно се на терен и интервенираат со цел локализирање и гаснење на пожарот, информираа од струмичката пожарна.
Според информациите од градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, во текот на денот се очекува да започнат активности за расчистување и затрупување на депонијата со помош на соодветна механизација, со цел да се изгасне пожарот и да се спречи негово повторно разгорување.
Струмичките пожарникари посочуваат дека пожарите на депониите не претставуваат само опасност од ширење на огнот, туку предизвикуваат и загадување на воздухот со чад и непријатна миризба, кои се шират и до околните населени места.




