Минатата власт не ја цедела само основната сметка на Државна лотарија, туку и сметките на нејзините фирми-ќерки.

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби во пет фирми што ги основала Државна лотарија и во кои има мнозинска сопственост од 51 процент. Ревизијата утврдила дека во фирмите, основани во 2023 и 2024 година, едно се договарало, а друго се исплаќало. Се склучувале договори со фирми што ја обврзуваат Лотарија да ги користи нивните услуги и да ги плаќа во следните 15 години, без разлика дали за такво нешто ќе има потреба.

Проблем се и парите потрошени за реклами, промоции и пропаганда. Кај три од овие фирми недостигала целосна документација за тоа кому му биле исплатени парите и за што биле потрошени. Поради тоа, ревизорите не можеле во целост да потврдат дали парите биле потрошени наменски и рационално или се делеле од ракав.

Во меѓувреме, по смената на власта и откривањето на сомнежите за криминал во Државна лотарија, новата влада, меѓу другото, решила да укине три од овие фирми. Откритијата на ревизијата се само мал дел од сомнежите за криминал и злоупотреба на државните пари во Лотарија за време на минатата власт.