Привремениот самопрогласен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо откри дека имало „тајни состаноци“ меѓу лидерите на опозицијата и претставниците на вооружените сили во обид да се собори претседателот Николас Мадуро.
– Имавме тајни состаноци со припадници на вооружените сили и безбедносните сили. Им понудивме амнестија на сите оние кои се сметаат за невини за злосторства против човештвото, напиша Гуаидо во колумна објавена денеска во „Њујорк тајмс“.
– Повлекувањето на поддршката на војската за Мадуро е од клучно значење за да се овозможи промена во Владата, а мнозинството припадници на армијата се согласуваат дека неодамнешните проблеми во земјата се неодржливи, додаде тој.
Претседателот на Парламентот на Венецуела, во кој опозицијата е мнозинство, се прогласи за привремен претседател за време на протестите против Владата на Мадуро пред една недела.
Американскиот претседател Доналд Трамп го призна 35-годишниот Гуаидо на оваа функција, но ЕУ допрва треба да го стори тоа.
Венецуелците вчера повторно излегоа на улиците со што почнаа нова рунда протести со цел да извршат притисок врз Мадуро да се повлече од функцијата и да и дозволи на армијата да овозможи влез на хуманитарна помош од САД.