Префинет, зелен, со салонски дух и богато интелектуално наследство. Динамичен, урбан, граѓански. Во минатото инспирација за многу уметници, писатели и актери (Момо Капор, Борислав Пекиќ, Данило Бата Стојковиќ, Павле Вуисиќ, Драган Николиќ,….), а денес жив ѕид во битката за својата културна автономија, меѓу традицијата и урбанизацијата.
Врачар.
Ќе успее ли оваа, една од најпознатите, најстарите, најпрестижните и најпривлчени општини во Белград, да го зачува стариот, боемски шарм наспроти бескомпромисната бетонизација?
„Комшиски култ“ и благ снобизам
Врачар се уште го држи историскиот рекорд по бројот на високообразовани жители во Србија. Долго време бил дом на професори, дипломати и стари белградски семејства. Тоа е евидентно и сега.
Ако прошетате по уличките, ќе видите како соседи си разговараат или ги поздравуваат локалните занаетчии и трговци. Новите, модерни згради можеби го трансформираат просторот и полека го менуваат „менталитетот“, но Врачар останува чувар на маалскиот живот. Едноставно, го негува „комшискиот култ“.

Пријатели од Белград велат дека дури и кога одат само до продавничка, врачарци водат сметка што ќе облечат и како се однесуваат. Имаат некој посебен, ненаметлив, а сепак впечатлив стил. Надворешниот изглед како да им е усогласен со господското држење и одмерениот тон во разговорот.
Кај жителите на Врачар се чувствува и некој благ снобизам, особено кон луѓето што живеат во Нов Белград или приградските населби кои ги сметаат за „бетон“ без душа.
Посебната култура на однесување, типична за боемите и интелектуалците кои живееле овде, е пренесена врз начинот како се нарачува пијалак, какo се третираат келнерите, како се води дискусија на маса,…
Повеќе теории за името – „вештерки“ или врапци
Постојат неколку легенди за потеклото на името Врачар. Според едни, наводно на времето тука живеел некој лекар (волшебник), според други, жени кои се занимавале со гатање се собирале на патот пред влезот во старата белградска варош, според трети, имало херој со име Врачар, а според четврти, на ова место некогаш се наоѓало поле со оргомен број врапци.

Цветен плоштад
Врачар денес е мала, но најгусто населена општина. На неполни три квадратни километри површина, има околу 55.000 до 80.000 жители. Почнува на само неколку минути одење од центарот на градот (Теразија), веднаш штом го преминете плоштадот „Славија“ или поминете покрај Пионерскиот парк. Ако доаѓате од правецот на Ташмајдан и се движите долж „булеварот на крал Александар“, од десната страна ќе забележите згради, меѓу кои и Правниот факултет, како и Палатата на правдата. Тука е, всушност, почетокот.
Близу Теразија, на аголот меѓу улиците „Крал Милан“ и „Његошева“, е т.н. Цветен плоштад – пешачка зона со бистроа, ресторанчиња и кафетерии, наредени една до друга, во иста линија, секогаш полна со гости. Веднаш спроти е култното Југословенско драмско позориште (ЈДП). Ако седнете на некоја од масите во кафетериите, буквално гледате во него. Но, ЈДП е некако „на граница“ и не му припаѓа на Врачар, туку е дел од општината Савски венец.
Улицата „Његошева“, која почнува од Цветниот плоштад, всушност води до срцето на Врачар.
Врачарско плато, „Свети Сава“ и „Караѓорѓев парк“

Меѓу најважните историски, културни и религиозни локалитети во Белград е секако Врачарското плато. Се смета дека тука, во 1594 година, Синан-паша ги запалил моштите на Свети Сава. Поради ваквиот чин, ова место не само што е влезено во историјата, туку станало и моќен симбол на српскиот духовен отпор и верата, што кулминира со изградбата на најголемиот православен храм на Балканот – „Свети Сава“.
Величествен и монументален, храмот се простира на над 3.500 метри квадратни и може да прими околу 10.000 верници. Достигнува висина од 79 метри заедно со позлатениот крст на централната купола. Крстот е висок точно 12 метри.
„Свети Сава“ е лоциран токму на Врачарското плато (познато и како Светосавско плато). Неговата внатрешност е импозантна и предизвикува посебно чувство. Прекриена е со преку 15.000 метри квадратни блескав мозаик од позлатено стакло и камен, подовите и ѕидовите се обложени со скапоцен мермер, а специјалното декоративно осветлување ги нагласува златните тонови на мозаикот.
Храмот „Свети Сава“ би требало да биде задолжителна станица за секој посетител. (Веднаш до него е Народната библиотека на Србија – најголема библиотека и најстара институција на културата во Србија.)

Кога излегувате од „Свети Сава“, можете да се одморите во Караѓорѓевиот парк, кој се наоѓа веднаш пред Врачарското плато. Има клупи, пешачки патеки, но и споменици од Првото српско востание.
Посебно внимание привлекува споменикот на Караѓорѓе, водачот на Првото српско востание, кој со погледот симболично го „чува“ Београд. Позициониран е на влезот во паркот.

Пазар Калениќ
Речиси ни еден ден на Врачар не поминува без да се посети пазарот „Калениќ“. Оваа „социјална институција“ е сржта на локалниот идентитет. Тука ќе најдете се, „од игла до локомотива“. Покрај свежо овошје, зеленчук и млечни производи (во халите), има и „бувљак“ со книги, антиквитети, винтиџ облека и уметнички слики.
Престижниот британски медиум „Financial Times“ ја вброи „Каленић пијаца“ меѓу 100-те најдобри пазари во светот.
-Ова не е само место за купување свежо овошје, зеленчук, сирење и грашок, туку општествен ритуал што трае со години. За викендите особено, доаѓаме сите – и тие што живееме во Врачар, и познатите белградски уметници, па и политичарите. Млади, возрасни, од сите генерации. Пазариме, разговараме со продавачите, ги слушаме најновите вести од градскиот асфалт, ни рече една жена што ја сретнавме додека шетавме по преубавите улички.

Одеше на кафе со своите пријателки. Дотерана, љубезна, насмеана.
Пазарот го добил името по Влајко Калениќ, голем белградски трговец, еден од најбогатите луѓе во своето време и голем српски добротвор.
Чубура
Патот не води кон Чубура. Ова врачарско маало, некогаш препознатливо по романтичарската сиромаштија, старите ниски, трошни куќи и кафаните во кои седеле најголемите српски писатели и актери (како Драган Николиќ), денес се гуши во новоградби.
Сепак, има остатоци од „старото време“ – дуќанчиња, бурекџилници, чевлари, златари, кафеанчиња кои служат скара и друга традиционална храна, но речиси на секој чекор може да се видат и дупки во кои никнуваат згради.
Собирно место е Чубурскиот парк, во секое време полн со деца, родители и по некој пензионер.
Се враќаме на улицата „Његошева“, една од поубавите во Врачар, со густи дрвореди (липи), предвоени вили, салонски станови со високи тавани, кафулиња, мали локали,… Омилена им е за прошетка на жителите кои, поради густиот сообраќај, често поднесуваат иницијативи за нејзино претворање во пешачка зона.
Се движиме кон Музејот на Никола Тесла, сместен во прекрасна врачарска вила во улицата „Крунска“. Овој музеј го чува оригиналното наследство, личните предмети и урната на славниот научник.
Графити и улична уметност
Кога се зборува за Врачар, неизбежно е да се спомнат графитите и муралите кои совршено се вклопуваат во историскиот амбиент. Делата исцртани од најпознатите домашни и регионални стрит-арт уметници ги облагородуваат старите фасади и ја претвораат населбата во вид музеј на отворено.

Тука ќе го забележите и муралот на актерските легенди Драган Николиќ и Милена Дравиќ, на „Невесинска улица“ бр. 11, во срцето на Врачар, непосредно до пазарот Калениќ. Ова уметничко дело на Милан Милосављевиќ – Дерокс, е насликано во две фази. Портретот на Драган Николиќ е направен во 2016 година по неговата смрт, а ликот на неговата сопруга Милена е додаден веднаш до него во 2019 година, за повторно симболично да бидат споени на ѕидот на нивното омилено маало. Николиќ е познат како „роден Чубурец“, поради што и муралот е нацртан токму тука.
Врачар успева во нешто што на многу светски метрополи им недостига – да остане автентичен и покрај немилосрдниот бран на модернизација. Докажува дека еден град не го прават само зградите, туку и луѓето, приказните, онаа невидлива нишка на шарм која ве тера, штом еднаш ќе зачекорите по неговата калдрма, секогаш да му се враќате.




