На предвремените парламентарни избори во Србија, на кои граѓаните избираат 250 пратеници се бележи рекордно висока излезност, а редици се формираа пред речиси сите избирачки места, и во земјата и во дијаспората. Според официјалните податоци, до 12 часот гласале 34,55 отсто од запишаните гласачи, што е значително повеќе отколку на претходните избори.

Рекордна излезност

Републичката изборна комисија соопшти дека до 12 часот гласале 34,55 проценти од вкупниот број запишани гласачи. За споредба, до 12 часот на изборите во 2023 година гласале 21,3 отсто од запишаните гласачи, а во 2022 година 20,52 отсто.

Бранко Јосиповиќ, директор на Републичкиот завод за статистика, изјави дека до 12 часот гласале 34,55 отсто од вкупниот број запишани гласачи. На изборите во 2023 година одѕивот до 12 часот изнесувал 21,33 отсто, додаде тој.

Студентската листа „Студентите победуваат“ информира дека до 12 часот гласале 34,4 отсто од избирачите.

Изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ исто така соопшти дека до 13 часот гласале 42,2 отсто од избирачите.

Невладиниот Центар за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) соопшти дека до 14 часот гласале 41,1 отсто од избирачите. Тие укажуваат дека маргината на грешка е +/-0,9 отсто. За споредба, на парламентарните избори во декември 2023 година до 13 часот излегле 26,6 отсто од гласачите.

За текот на изборниот ден

Што се однесува до текот на изборниот ден, претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) на Србија, Владимир Димитријевиќ, изјави дека гласањето на голем број избирачки места тече без инциденти и неправилности, со голема излезност во утринските часови.

– Единствените помали предизвици беа поврзани со големиот интерес на избирачите и турканиците при отворањето на избирачките места – рече Димитријевиќ на втората редовна конференција за новинари на РИК.

Тој посочи дека Комисијата од почетокот на гласањето е во редовна комуникација со локалните изборни комисии, кои се во контакт со избирачките одбори. Додаде дека во меѓувреме се отворени сите избирачки места. Димитријевиќ ги повика членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до законот и упатствата на РИК и да внимаваат на изборниот материјал. Предупреди дека уништувањето на изборниот материјал претставува кривично дело, како и оневозможувањето на избирачите да гласаат. Нагласи дека гласањето е тајно и лично и најави дека РИК во текот на изборниот ден редовно ќе ја информира јавноста за излезноста и случувањата на избирачките места.

Од друга страна, Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) соопшти дека, врз основа на информациите добиени од набљудувачите, до 11 часот забележал повеќе од 120 неправилности на примерок од 750 избирачки места. Меѓу забележаните неправилности го наведува загрозувањето на тајноста на гласањето и додава дека се пријавени бројни случаи на фотографирање гласачки ливчиња, користење мобилни телефони, гласање надвор од гласачките кабини и групно гласање.

Пораки од политичари

Редиците не го заобиколија ни носителот на владејачката листа. Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, гласаше утрово во Нов Белград, на избирачкото место број 140 во зградата на детската градинка „Тесла – наука за живот“. На избирачкото место пристигна околу 8:05 часот со сопругата Тамара, а на ред поради големата излезност дојде дури по 10 часот. Пред избирачкото место од рано утро се формираше долга редица, па на гласање чекаше речиси два часа заедно со останатите граѓани.

По гласањето рече дека ќе го прифати резултатот од изборите без разлика на исходот.

– Како што секогаш сум говорел, изборите можете да ги добиете и да ги изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно: ако изгубиме – да ја признаеме волјата на избирачите, ако победиме – никој нема да ни ја одземе и тоа е сè – изјави тој.

Додаде дека Србија денес избира „во кој правец оди, оди ли во иднината или во минатото, во време на грабежливи приватизации, економско уништување на земјата, политичко понижување и на нацијата и на целата држава“. „Па ќе видиме како луѓето ќе одлучат, волјата на народот е волја на Бога“, порача тој.

Вучиќ рече дека првите појасни проценки на резултатите би можеле да бидат познати меѓу 22 и 23 часот.

– Околу 22, 22:30, 23 часот ќе знаеме кој победил, ако ништо друго. Тогаш ќе имаме прва или прелиминарна проценка на конечниот резултат – истакна тој.

Додаде и дека во хрватските медиуми читал тврдења дека е „готов“, но порача дека ќе се знае повеќе по пребројувањето на гласовите. Прашан за поддршката од рускиот претседател Владимир Путин и нејзиното значење за идните односи, Вучиќ рече дека различни политички актери добиваат поддршка од различни луѓе.

– Јас сум среќен, знаете, некој добива поддршка од Наташа Кандиќ и од Соња Бисерко, некој добива од Фицо, Путин… Секој како што треба – рече Вучиќ.

Својот глас го даде и лидерот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, кој по гласањето изјави дека очекува стабилен резултат на својата коалиција „Фактор на стабилност“ и порача дека за Србија е исклучително важно да се зачуваат мирот и политичката стабилност.

Пред сè, сакам изборите да поминат во демократска и чесна атмосфера, сè да биде во согласност со законот и, секако, денот да помине мирно – рече Дачиќ.

Зборувајќи за очекувањата од изборите, истакна дека верува во стабилен резултат на коалицијата што ја предводи.

– Секако дека очекувам стабилен резултат на мојата коалиција, која ја водам и која се вика ‘Фактор на стабилност’. Сметаме дека за Србија е многу важно во турбулентни времиња да постои некое сидро кое ги чува стабилноста и цврстината на Србија“, изјави тој. „Ние ќе го зачуваме мирот, а од друга страна ќе ја зачуваме и политичката стабилност – заклучи Дачиќ.

На другиот политички пол, носителот на листата „Студентите победуваат“, Илија Срдановиќ, по гласањето во Нови Сад изјави дека се надева на мирен ден.

– Се надевам дека денешниот ден ќе помине во демократска атмосфера и мир и дека легитимно ќе избереме нова власт во Србија – истакна Срдановиќ.

На прашањето на новинарите да ја коментира големата излезност, Срдановиќ одговори дека во текот на целиот предизборен период било јасно дека ќе дојде до такви сцени. Додаде дека сè укажува дека ова ќе биде рекордна излезност на парламентарните избори во Србија во поновата историја. Прашан што би им порачал на граѓаните за тоа како да го зачуваат изборниот суверенитет, истакна дека резултатот сам по себе ќе биде најдобриот показател за изборната волја.

– Тоа е најлегитимниот можен начин на кој можеме да добиеме нова власт која ќе ја води Србија кон подобра иднина – посочи Срдановиќ.

Новинарите ги интересираше и дали е решение граѓаните по завршувањето на гласањето да останат во близина на своите избирачки места.

– Вечерва, кога ќе ги претставиме прелиминарните резултати, ќе дадеме и насоки за тоа што да се прави понатаму. Најважно е луѓето слободно да излезат и да гласаат според својата совест – заклучи тој.