Здружението за култура Транзен на 3 ноември во Галерија Метаноја – Скопје, по деветти пат ќе ја реализира ликовната изложба ,,Несовршен простор”.
Во галеријата ќе бидат изложени ликовни дела од македонските сликари Никола Пијанманов, Катерина Поп-Арсова, Стефан Младеновски, Дејан Иванов-Маргуш, Ване Костуранов, Билјана Билбиловска, Милош Милосавлевиќ, Ирена Десовска-Белчовски, Борче Богоевски, Горан Ристовски, Тони Попов, Вангел Срнаков, Орце Нинески, Ванчо Кеков, Трајче Чатмов, Панче Ѓоргиев и Томе Мишев.
Темата на овогодишната изложба е „Средба со пејсажот“. Тоа е ликовна дисциплина, сликарски жанр во кој уметникот пробал физички да го оддели човекот од природата, да го ослободи просторот од неговото присуство, да го изрази светот без човечката историја. Но, трагата на човекот останала засекогаш присутна во просторот, иако тој физички е можеби отсутен.
Пејзажизмот е еден од најстарите и најпоетските жанрови во ликовната уметност. Во него природата не е само позадина, туку суштина. На изложбата, по деветти пат, традиционално ќе се додели и наградата „Владимир Георгиевски“.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Галерија Метаноја и фамилијата Георгиевски.




