Искра Хаџи Василева е избрана за нова шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), откако на денешното гласање освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче, покажуваат сумираните резултати од петте изборни места во државата.

Втор по бројот на освоени гласови е Трајче Пеливанов со 57, Јован Цветановски освои 30, Фатон Азизи 14, а Лидија Раичевиќ шест гласа. На гласањето имало четири неважечки ливчиња, додека 12 јавни обвинители не го искористиле правото на глас.

Гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот, по што резултатите беа сумирани на јавна седница на Советот на јавните обвинители. За функцијата се кандидираа пет јавни обвинители: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

Изборниот процес го спроведе комисијата формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески по гласањето оцени дека станува збор за значаен демократски процес, во кој обвинителската фела непосредно одлучува кој ќе раководи со Обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција.

-Ова е значаен процес бидејќи обвинителската фела одлучува кој ќе раководи со ова Обвинителство. Се надевам дека избраниот јавен обвинител доследно ќе одговори на задачите што стојат пред него и дека заеднички ќе придонесеме за зајакнување на довербата во институцијата и за јасно покажување ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата – изјави Савески.

Значењето на ОЈО ГОКК, рече Савески, ги надминува рамките на јавнообвинителскиот систем и е важно и за имиџот на државата.

Петтемина кандидати ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври. Во фокусот на нивните програми беа јакнењето на истражните капацитети, борбата против корупцијата и перењето пари, финансиските истраги, ефикасноста во постапувањето и поголемата независност на обвинителството.

Изборот се спроведе поради истекувањето на мандатот на актуелниот раководител на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година. Огласот за избор беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава. МИА