Успешно завршија овогодинешните археолошки ископувања на неолитскиот локалитет „Ограѓе“ во скопското село Орман. Годинава стручниот тим од Археолошкиот музеј работеше северозападно од местото каде во 2019 година Градскиот конзерваторски центар од Скопје вршеше заштитни ископувања во кои беа пронајдени остатоци од куќа стара осум илјади години, објави Националниот Археолошки музеј.

Новите откритија дадоа археолошки докази за тоа како изгледал секојдневниот живот на првите жители на оваа област.


-Меѓу пронајдените предмети особено се издвојуваат: фигурини со човечки и животински ликови кои ни откриваат дел од верувањата и уметноста на овие луѓе, керамички садови и камени и коскени алатки што се користеле во тогашните кујни и работилници. Во текот на ископувањата беа откриени остатоци од огништа и отпадни јами, велат од Музејот.


Овој значаен проект беше поддржан од Министерството за култура и туризам, и е дел од годишната програма за работа на Археолошкиот музеј. Со истражувањата раководеше м-р Буњамин Џемаиљи, а стручниот тим од Археолошкиот музеј го сочинуваа: м-р Елена Стојанова Канзурова, д-р Перо Синадиновски, д-р Роберт Петковски, м-р Благоја Китановски и Јовица Ристов.

Овие пронајдоци се уште еден доказ дека Скопскиот регион крие богата предисторија која постојано го привлекува вниманието на научната и пошироката јавност.





