На втората фестивалска вечер на „Макфест“ ќе се слушнат вкупно 18 композиции, од кои шест се од синоќа, кои ги избра публиката и жири комисијата. Уметничкиот директор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, Роберт Саздов денеска изјави дека синоќа имаше уште една успешна фестивалска вечер.
-Шест композиции влегуваат од првата вечер во втората и плус имаме 12, кои што претходно беа предвидени и вкупно ќе имаме 18. Групата „Арте факт“, Тамара Грујеска, Елена Наумова, Теа Златева, Анастасија Спасевска и Драгана Јовановска-вели Саздов.
Инаку вечерва ќе се слушнат 12 нови композиции, а публиката на сцената ќе ги видат Агни Авшар, Наташа Малинкова, Викторија Лоба, Јован Јованов и Тони Зен, Теа Трајковска, Марија Спасовска, Ристо Самарџиев, Елвир Мекиќ, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски, Марија Данева и Давид Темелков.
Диригентот на камерниот оркестар на „Макфест“, Илија Ќосевски вели дека вечерва имаат разновидни песни и како што вели „шарени за секој вкус“.
-Пред сè би ги замолил сите поддржувачи на македонската музика, да им се даде најголема поддршка на овие првично шест дебитанти или како да и ги кажеме недоволно афирмирани пејачи, да им дадеме максимално голема поддршка како уметници и како слушатели. Останатите ни се доста добро познати – вели Ќосевски.
Шармантната водителска двојка Марјана Станојковска и Димитар Атансовски и годинава се водители на 41.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Втората фестивалска вечер на „Макфест“ на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип почнува во 20.30 часот, а директен пренос ќе има и на МТВ.




