Министерот за здравство, Сашо Клековски синоќа на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес во Истанбул оствари билатерална средба со министерот за здравство на Република Турција, проф. д-р Кемал Мемишоглу.  На средбата, информираат од Министерството за здравство, беа разгледани билатералните односи и беше нагласено пријателството меѓу двете држави.

По средбата, двајцата министри потпишаа меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството, како основа за конкретни заеднички активности меѓу двете министерства и нивните здравствени институции. Во конкретизацијата на соработката ќе се вклучи и турската државна агенција за меѓународни здравствени услуги USHAŞ.

 

Како подрачја на идната соработка, министерот Клековски ги издвои: дигиталното здравство; стручната размена и едукацијата на специјалисти; соработката во областа на лековите и вакцините.

-Турција е искрен пријател на Македонија и тоа го покажа и во најтешките моменти по трагедијата во Кочани. Меморандумот ни дава рамка добрите односи да ги претвориме во конкретни проекти – од дигитално здравство, преку едукација на специјалисти, до лекови и вакцини- изјави Клековски.

Тој и се заблагодари на Република Турција за помошта и солидарноста по трагедијата во Кочани.