Поради обилните врнежи од дожд „Валандовската ракијада“ која требаше да се одржи денеска е откажана. Како што информираа организаторите на настанот, манифестацијата се презакажува за следната сабота, 7 ноември, кога се очекува подобрување на временските услови.
Оваа традиционална манифестација годинава се одржува по 26-ти пат. Настанот, како што велат од Општина Валандово, за првпат е одржан во 2000 година со цел да се зачува вековната традиција на варење на гроздова ракија и да се пренесат старите обичаи. Вештината на мајсторите која е пренесувана од генерација на генерација ќе биде во фокусот и на годинашниот настан.
Манифестацијата има натпреварувачки карактер, при што учесниците се натпреваруваат за најдобра ракија, а на најуспешните им се доделуваат награди за прво, второ и трето место. На настанот се пријавуваат локални одгледувачи на грозје кои го научиле занаетот на печење домашна македонска ракија.




