Побрза обработка на примероците крв и побрзо издавање на резултати на пациентите, е овозможено со новите лабораториски анализи воведени во Институтот за јавно здравје кои претходно не беа целосно достапни во државното здравство. Новата лабораториска опрема – имуноанализаторите се користат за прецизно откривање и квантифицирање на специфични протеини, хормони, антитела, туморски маркери и други биомаркери во биолошки примероци. Исто така, со него се врши детекција и квантификација на антигени (делови од вирусот) или антитела – протеини создадени од имунолошкиот систем како одговор на вирусот, вели во интервју за МИА директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.

Во областа на вирусологијата и молекуларната дијагностика, посочува таа, воведени се или се проширени следните анализи: ентероинтестинален микробиом и микроорганизми што тешко се култивираат; женски вагинален микробиом; машка урогенитална микробиоценоза; молекуларна детекција и типизација на сексуално преносливи инфекции; молекуларна детекција на четири вирусни причинители на дијареа: ротавируси, аденовируси, норовируси и астровируси; детекција и генотипизација на ХПВ преку анализа на мРНК за онкогените протеини Е6 и Е7; детекција и генотипизација на 24 високо и нискоризични типови ХПВ; детекција на ИгМ антитела за вирусот на хепатитис Е; молекуларна детекција на парвовирус Б19.

Д-р Андоновска потенцира дека во рамки на нивните активности се применуваат акредитирани методи и системи кои значат проширени можности за лабораториска дијагностика, посеопфатна контрола на хемиските опасности во храната и водата и унапредување на мониторингот на радиоактивноста во животната средина.

 

Во врска со ставањето во функција на скапата софистицирана медицинска опрема која пред нејзиното преземање на директорската функција стоела неискористена и неотпакувана, таа појаснува дека таа опрема придонесува за унапредување на лабораториските услуги и за поголема достапност на анализите во рамките на јавното здравство.

– Од почетокот на август до крајот на септември, регистрирани се вкупно 20 позитивни лица со Ковид-19 од вкупно направени 770 тестирања во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест. Во текот на 2026 година, регистрирани се вкупно 62 заболени лица и два смртни случаи асоцирани со Ковид-19. Во истиот период во 2025 година, беа регистрирани 307 заболени лица од кои два случаи завршиле со смртен исход, вели д-р Андоновска и упатува апел во пресрет на сезона на настински, респираторни заболувања и грип, граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита.

Институтот за јавно здравје, посочува таа, спроведува континуирани активности за унапредување на здравјето, превенција на заболувањата и подигнување на здравствената свест кај населението.

– Активностите се реализираат преку национални програми, здравствено-промотивни кампањи, едукативни материјали, предавања и соработка со здравствени установи, образовни институции и други партнери. И во 2027 година, Институтот за јавно здравје планира да продолжи со вложувањата во унапредување на инфраструктурата и зајакнување на човечките капацитети, следејќи ги приоритетите и потребите на институцијата. Целта е континуирано подобрување на условите за работа, јакнење на стручниот кадар и унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедува Институтот во интерес на заштитата на јавното здравје, додава д-р Андоновска во интервјуто за МИА.

 

Во рамките на спроведените активности за унапредување на здравствените услуги, во Институтот за јавно здравје во функција е ставена нова медицинска и лабораториска опрема. Според Вас, колку таа инвестиција ќе ја подобри брзината и прецизноста на дијагностиката?

Во текот на 2026 година, во Институтот за јавно здравје е ставена во функција нова лабораториска опрема – имуноанализатори (лабораториски уреди кои се користат за прецизно откривање и квантифицирање на специфични протеини, хормони, антитела, туморски маркери и други биомаркери во биолошки примероци, како што се крвта или серумот), со кои значително се зголемија капацитетите за лабораториски анализи. Опремата овозможи воведување нови анализи во лабораторијата за вирусологија, кои претходно не беа достапни, како и побрза обработка на примероците и издавање на резултатите. Со ова се унапредуваат лабораториските услуги и се овозможува пациентите побрзо да ги добијат потребните резултати.

 

Кои нови лабораториски анализи се воведени во Институтот кои претходно не биле целосно достапни во државното здравство и што ќе значи тоа за граѓаните?

Во изминатиот период, Институтот за јавно здравје значително ги прошири лабораториските капацитети преку воведување нови анализи и акредитација на повеќе од 25 нови лабораториски методи. Со тоа се унапредуваат можностите за откривање инфекции, контрола на безбедноста на храната и водата и следење на радиолошките ризици. Во областа на вирусологијата и молекуларната дијагностика, воведени се или се проширени следните анализи: ентероинтестинален микробиом и микроорганизми што тешко се култивираат; женски вагинален микробиом; машка урогенитална микробиоценоза; молекуларна детекција и типизација на сексуално преносливи инфекции; молекуларна детекција на четири вирусни причинители на дијареа: ротавируси, аденовируси, норовируси и астровируси; детекција и генотипизација на ХПВ преку анализа на мРНК за онкогените протеини Е6 и Е7; детекција и генотипизација на 24 високо и нискоризични типови ХПВ; детекција на ИгМ антитела за вирусот на хепатитис Е; молекуларна детекција на парвовирус Б19.

Во областа на хемиската безбедност на храната и водата, лабораториските капацитети се проширени со следните акредитирани методи: определување цијаниди во вода, протеини во храна и хидроксиметилфурфурал во прехранбени производи; детекција и определување остатоци од пестициди; детекција на патулин; определување жива.

Во областа на радијационата заштита, инсталиран е рендгенскиот систем COMET X82 во Калибрационата единица, со што се создаваат услови за проширување на калибрациските услуги за дозиметриски инструменти. Опфатени се RQR, RQA и RQM квалитетите на рендгенско зрачење, кои се применуваат во општата радиографија, флуороскопијата, стоматолошката радиологија и мамографијата. Во 2025 година е ставена во функција и мониторинг-станицата АМС02 за следење на радиоактивноста во животната средина. Паралелно, Институтот работи на ставање во оперативна употреба на системот Hidex SL 300 за гама-спектрометриски мерења.

Овие активности значат проширени можности за лабораториска дијагностика, посеопфатна контрола на хемиските опасности во храната и водата и унапредување на мониторингот на радиоактивноста во животната средина. Истовремено, развојот на калибрациските услуги обезбедува дополнителна стручна поддршка за здравствените установи и придонесува кон зајакнување на националните капацитети за заштита на јавното здравје.

 

Воведовте втора смена во лабораториите на Институтот. Како ја организиравте работата на кадарот и колку оваа реформа го намали метежот и времето на чекање резултати?

Приемното одделение за материјали за микробиолошки анализи при Институтот за јавно здравје работи во две смени, од 7:30 до 20:00 часот, што го прави единствено од ваков вид во јавното здравство со вакво работно време. Со оваа организација се намалува метежот при приемот на материјалите и им се овозможува на пациентите полесно да ја приспособат посетата на своите потреби. Истовремено, продолженото работно време го олеснува приемот на материјали од клиниките и приватните здравствени установи што работат во втора смена.

Колку ставањето во функција на скапата софистицирана медицинска опрема која пред да ја преземете директорката функција со години стоела неискористена и неотпакувана, значи поголема достапност на услугите за граѓаните наместо да бидат принудени да прават анализи во приватните лаборатории. За каква опрема станува збор?

Дел од претходно набавената лабораториска опрема, која со години не била во функција, е ставена во употреба, а стручниот кадар е обучен за нејзино користење. Со тоа се зголемија лабораториските капацитети и можностите за обработка на поголем број примероци. Станува збор за кабинет за биобезбедна работа, термостати, центрифуги и автоматски имуноанализатори. Ставањето на опремата во функција придонесува за унапредување на лабораториските услуги и за поголема достапност на анализите во рамките на јавното здравство.

 

На веб страницата на Институтот редовно се објавуваат препораки за граѓаните за заштита од заразни болести. Во периодов, кои од нив циркулираат кај нас и дали се регистрирани случаи со Ковид-19, имајќи предвид дека веќе започна сезоната на респираторни вируси, настинки и грип?

Со влегувањето во есенскиот период и со почестото престојување во затворени простории, се зголемуваат условите за ширење на респираторните вирусни инфекции. Во овој период, покрај вирусите што предизвикуваат обични настинки, од јавно-здравствен аспект особено го следиме присуството на вирусот на грип, SARS-CoV-2, кој предизвикува Ковид-19, како и респираторниот синцицијален вирус (RSV).

Институтот за јавно здравје континуирано ја следи состојбата преку епидемиолошкиот и лабораторискиот надзор, а податоците за регистрираните случаи и движењето на респираторните инфекции редовно се објавуваат преку официјалната веб-страница на Институтот во рамки на неделни и месечни извештаи. Во однос на Ковид-19, важно е да се нагласи дека вирусот сè уште циркулира и дека појавата на нови случаи е можна и надвор од периодите на интензивно ширење. Во периодот од почетокот на август до крајот на септември, регистрирани се вкупно 20 позитивни лица со Ковид-19 од вкупно направени 770 тестирања во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест. Во текот на 2026 година, регистрирани се вкупно 62 заболени лица и два смртни случаи асоцирани со Ковид-19. Во истиот период во 2025 година, беа регистрирани 307 заболени лица од кои два случаи завршиле со смртен исход.

Во пресрет на сезоната на настинки, респираторни заболувања, грип, апелираме до граѓаните да ги почитуваат основните препораки за заштита: редовно да ги мијат рацете, да ги проветруваат просториите, да избегнуваат близок контакт со други лица кога имаат симптоми на респираторна инфекција и да останат дома додека се болни, кога тоа е возможно. Нашата цел е навремено информирање на јавноста, рано препознавање на зголеменото ширење на инфекциите и спречување на тешките форми на заболување, особено кај најранливите категории граѓани.

 

Институтот за јавно здравје отвори психолошко советувалиште за деца и адолесценти, прво од ваков вид во државата, чии услуги се достапни преку упатување од матичен лекар и системот МојТермин. Кои беа главните мотиви што ја наметнаа потребата за една ваква институционална поддршка?

Главниот мотив за отворањето на психолошкото советувалиште за деца и адолесценти при Институтот за јавно здравје е сè поголемата потреба од навремена и достапна стручна поддршка за менталното здравје на младите. Притисокот во училиштата, влијанието на социјалните мрежи, врсничкото насилство, анксиозноста и различните емоционални тешкотии се предизвици со кои се соочуваат сè поголем број деца и адолесценти. Со отворањето на советувалиштето, целта е да се овозможат рано препознавање на проблемите, превенција и навремена психолошка поддршка, пред тешкотиите да станат посериозни. Особено значајно е што услугите се интегрирани во здравствениот систем и се достапни преку матичните лекари и системот „Мој Термин“, со што на семејствата им се олеснува пристапот до стручна помош.

Веруваме дека грижата за менталното здравје од најрана возраст е важна инвестиција во здрави, самоуверени и емоционално стабилни генерации. Со оваа услуга испраќаме јасна порака дека барањето психолошка поддршка е важен чекор кон здрав развој и квалитетно детство.

 

Со какви профили на стручни лица (психолози, психијатри, социјални работници) располага советувалиштето, за кои емоционални и училишни проблеми најчесто се бара помош и дали се планира отворање на слични психолошки советувалишта за деца и млади и во другите градови преку центрите за јавно здравје?

Во психолошкото советувалиште при Институтот за јавно здравје работат двајца психолози – психотерапевт и специјалист по медицинска психологија. Нивната различна стручна насоченост овозможува сеопфатен пристап кон психолошките и емоционалните предизвици со кои се соочуваат децата и адолесцентите. Помош најчесто се бара поради семејни проблеми, вклучително и развод на родителите и семејно насилство, проблеми поврзани со употреба на психоактивни супстанции, врсничко насилство, како и други емоционални, психолошки и социјални тешкотии. Секое дете има своја индивидуална приказна и потреби, поради што пристапот и стручната поддршка се приспособуваат на конкретната ситуација.

Во однос на отворањето слични советувалишта во другите градови, Институтот за јавно здравје нема директна надлежност над центрите за јавно здравје, па евентуалното проширување на ваквите услуги зависи од надлежностите и плановите на соодветните институции.

 

Како се одвива процесот на дигитализација на услугите на Институтот со цел граѓаните полесно да пристапуваат до превентивните прегледи и резултатите?

Дигитализацијата на услугите во Институтот за јавно здравје е насочена кон олеснување на пристапот до здравствените услуги, намалување на административните процедури и побрзо добивање на резултатите од лабораториските испитувања. Преку националниот систем за електронско здравство „Мој Термин“, лабораториските резултати се внесуваат електронски, а граѓаните можат да ги прегледаат преку мобилната апликација „Мое здравје“. Пристап до резултатите имаат и матичните лекари и здравствените установи што ги побарале испитувањата. Со ова се намалува потребата од физичко доаѓање во Институтот за подигнување резултати во хартиена форма, со што граѓаните заштедуваат време, а комуникацијата меѓу пациентите и здравствените работници се олеснува.

 

Во врска со реализирани меѓународни и национални стратешки проекти неодамна Институтот беше домаќин на регионални настани во соработка со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Кои се клучните меѓународни проекти во кои Институтот активно партиципира за јакнење на јавно-здравственото застапување?

Институтот за јавно здравје активно учествува во меѓународни и национални проекти насочени кон унапредување на епидемиолошкиот надзор, превенцијата на заболувањата и здравствената промоција. Меѓу актуелните проекти се издвојуваат: „Strengthen the Evidence Base on the Burden of Severe RSV Infection in Children“ – проект насочен кон истражување на сезонските и епидемиолошките карактеристики на тешките инфекции со респираторниот синцицијален вирус (RSV) кај деца на возраст до 23 месеци и „Door-to-Door Outreach and Vaccination HPV Campaign“ – иницијатива за подигнување на јавната свест за важноста и придобивките од вакцинацијата против ХПВ.

Во областа на здравствената промоција и следењето на ризичните однесувања, Институтот учествува и во следните истражувачки проекти:  Европско веб-истражување за дроги; ЕСПАД (ESPAD) – Европско истражување во училиштата за употребата на алкохол и други дроги;  GYTS – Глобално истражување за употребата на тутун кај младите. Преку учеството во овие проекти, Институтот придонесува кон собирање и анализа на релевантни јавно-здравствени податоци, унапредување на превентивните активности и креирање политики засновани на докази, со посебен акцент на заштитата на здравјето на децата и младите.

 

На национално ниво, превенцијата е во фокусот на Вашата работа. Кои се тековните стратегии и кампањи што Институтот ги спроведува?

Институтот за јавно здравје спроведува континуирани активности за унапредување на здравјето, превенција на заболувањата и подигнување на здравствената свест кај населението. Активностите се реализираат преку национални програми, здравствено-промотивни кампањи, едукативни материјали, предавања и соработка со здравствени установи, образовни институции и други партнери.

Меѓу најзначајните превентивни области се: Превенција на кардиоваскуларни заболувања – преку активности за подигнување на свеста, бесплатни превентивни мерења на крвниот притисок и шеќерот во крвта, како и совети за здрава исхрана, физичка активност и откажување од пушење; превенција и рано откривање на малигни заболувања – преку едукативни кампањи за ракот на дојката, грлото на матката, колоректалниот карцином, меланомот и другите малигни заболувања, со акцент на значењето на навремените прегледи и организираниот скрининг; промоција на здрава исхрана – преку едукативни содржини и препораки за правилна исхрана, одржување здрава телесна тежина и намалување на ризикот од хронични незаразни заболувања; сексуално и репродуктивно здравје – преку информирање за сексуално преносливите инфекции, контрацепцијата и одговорното сексуално однесување, како и преку едукативни активности за менструалното здравје кај девојчињата; превенција на заразни заболувања – преку епидемиолошки надзор, информирање за вакцинацијата, хигиената и начините за спречување на ширењето на инфекциите; заштита на здравјето при топлотни бранови – преку активности во рамките на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови 2025–2030, со посебен акцент на заштитата на повозрасните лица, хронично болните и лицата изложени на високи температури; промоција на менталното здравје – преку подигнување на свеста, намалување на стигмата и информирање за можностите за стручна поддршка; превенција од употреба на тутун и психоактивни супстанции – преку едукативни активности, особено меѓу младите, кампањи за штетните последици од употребата на тутун и никотин и поддршка за откажување од пушење; унапредување на здравјето на децата и мајките – преку активности за поддршка на доењето, правилната исхрана и оралното здравје кај децата, како и преку информативните линии „Инфо бебе“ и за откажување од пушење; безбедност и здравје при работа – преку едукативни активности за заштита на здравјето на работниците и препознавање на знаците на трговија со луѓе во здравствениот систем.

Дел од активностите се реализираат по повод значајни меѓународни датуми, како Светскиот ден на здравјето, Светскиот ден на срцето, Светскиот ден за борба против ракот, Светскиот ден на менталното здравје, Светскиот ден без тутун и Светската недела на доењето. Основата за планирање и спроведување на овие активности е Националната годишна програма за јавно здравје за 2026 година, како и соодветните национални стратегии и акциски планови. Преку овие активности, Институтот придонесува кон подобра информираност на граѓаните, рано препознавање на здравствените ризици и усвојување здрави животни навики.

 

Кои нови инвестиции во инфраструктурата и човечкиот капитал се предвидени во буџетот за идната година?

И во 2027 година, Институтот за јавно здравје планира да продолжи со вложувањата во унапредување на инфраструктурата и зајакнување на човечките капацитети, следејќи ги приоритетите и потребите на институцијата. Целта е континуирано подобрување на условите за работа, јакнење на стручниот кадар и унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедува Институтот во интерес на заштитата на јавното здравје.