Во Франција денеска повторно се очекуваат масовни протести, поради што властите одлучија да ги задржат полицискиот час и ограничувањата за собири, откако претходно овој месец изгредници предизвикаа уништувања во неколку градови, јавува ДПА.

Поради стравувањата од нови немири, властите во Париз забранија одржување демонстрации во центарот на главниот град, дозволувајќи ги само во периферните делови. Во централните градски зони повторно ќе биде воведен ноќен полициски час.

Меѓутоа, како што пренесуваат француските медиуми, Управниот суд во Париз пресуди дека маршот помеѓу плоштадот Бастилја и плоштадот Насион, во центарот на градот, може да се одржи.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека ќе биде поднесена жалба на оваа одлука, пренесува ДПА.

Нуњез најави силно полициско присуство на улиците, наведувајќи ги ризиците по јавниот ред и опасноста од оштетување на имотот, особено на продавниците.

Властите повторно очекуваат стотици илјади учесници на протестите. Минатиот викенд, 70.000 полицајци беа ангажирани за справување со изгредниците и крадците.

На младите во Франција, кои со недели протестираат барајќи подобар кадар и опрема во училиштата, од средината на октомври им се придружија и други групи, кои протестираат главно поради високите трошоци за живот.

По сериозните немири што избија за време на протестите на 17 октомври, полицијата минатата сабота успеа во голема мера да спречи повторно избивање на насилство, потсетува ДПА.