Илјадници млади попладнево се собраа во повеќе германски градови на протести со барања за подобри услови во образованието, пониски животни трошоци и укинување на воената обврска, но бројот на учесници беше значително помал од најавениот.

Иако организаторите од Здружението „Ген З регелт“ (Gen Z regelt), најавија повеќе од 180 илјади, полицијата во Берлин, Минхен и Франкфурт соопшти дека на протестите имало околу шест илјади лица.

Истовремено, на интернет-страницата на организаторите беше објавено дека на протестите низ земјата се собрале 36 илјади луѓе.

Во Келн, поради демонстранти со покриени лица и употреба на пиротехнички средства, полицијата го забрани продолжувањето на протестниот марш и го ограничи собирот на еден плоштад.

Германската полиција го запре и протестот во Штутгарт за да интервенира против учесниците кои ги криеја лицата и користеа пиротехнички средства.

„Маршот може да продолжи само доколку сите ги отстранат прекривките од лицата“, соопшти полицијата преку својот канал на „Ватсап“.

„Уште пред почетокот на маршот беа активирани димни бомби, а се слушаа и петарди. Тоа е неприфатливо“, изјави портпаролката на полицијата во кратка видеопорака.

„Апелираме до вас: изразете ги своите ставови, но останете смирени“, додаде таа.

И покрај инцидентите, германските безбедносни служби не очекуваат насилство од поголеми размери на протестите.

„Нередите во Франција сигурно не се пример за оние што денеска се собираат во Германија“, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Хесен, Роман Позек.

Во многу градови сопствениците на луксузни продавници ги заштитија излозите со дрвени плочи. Весникот „Билд“ објави дека во продавниците за градежни материјали во Берлин и околината биле распродадени дрвените плочи што се користат за заштита на продавниците.

Во многу делови на Германија, поради празникот Ден на реформацијата, продавниците останаа затворени.

Германското Министерство за внатрешни работи во изминатите денови предупреди на опасност од инфилтрирање екстремистички групи, делумно и од странство, во протестите со цел поттикнување насилство и нереди.

Членовите на организацијата „Ген З регелт“ повикаа на протести со барања за зголемување на средствата за образованието, мерки за намалување на животните трошоци за младите, особено на кириите, како и укинување на повторното воведување на обврската за пријавување на младите за воена служба.