Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, пристигна во Истанбул, каде што ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
„Пристигнавме во Истанбул со тимот. Ни претстојат важни разговори со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Работиме на зајакнување на одбраната на нашите граѓани, меѓудржавното партнерство со Турција и конкретните дипломатски перспективи. Има важни прашања поврзани со пловидбата во Црното Море“, пренесуваат украинските медиуми објава на Зеленски на Фејсбук.
Украинскиот претседател соопшти дека за време на посетата е предвидена и средба со вселенскиот патријарх, Вартоломеј.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, во јули ја посети Украина. По средбата со него, Зеленски изјави дека Турција ја потврдила подготвеноста да вложи напори за организирање средба на највисоко ниво со цел да се стави крај на руската војна против Украина.




