Помина една година откако Игор Каравилоски стана градоначалник. Сега веќе 9 години по ред со локалната самоуправа во Кривогаштани раководи СДС. За жал, можеме да видиме дека работите во нашата општина продолжија да се движат во погрешна насока. Политиката на општинската власт повторно не е поставена на начин кој ќе започне да ги решава натрупаните грешки и проблеми, туку е политика која и понатаму создава нови слабости, изјави Александар Богданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кривогаштани, стои во партиското соопштение, што МИА го пренесува интегрално.

Како најочигледен пример ќе го земеме водоснабдувањето. Тоа е најосновната и најнеопходната јавна услуга под надлежност на општината. Имаме постојано тешки проблеми на апсолутно цела територија. Главниот водовод е многу често во прекин поради дефекти и е сè поскап за одржување. Комуналното претпријатие е слабо, финансиски изнемоштено, со недоволен кадар. Во меѓувреме, водата од јавниот водовод поради дефектите редовно се случува да не е исправна за пиење. Најпосле, на никаков јавен водовод сè уште не се приклучени домаќинствата од неколку од поголемите населени места, при што околу 40% од населението воопшто никогаш не добива вода од општинскиот извор. И за сето ова, повторно ништо не е преземено од општината.

Овде мора да се потсетиме дека Каравилоски во предизборната кампања вети дека ќе ја донесе водата од Студенчица во Кривогаштани. Но сега нема ништо од тоа. Нема план, нема потег за реализација или програмско дефинирање на конкретни мерки и намери. Напротив, единствените три помали села кои уште одамна се снабдуваат од Студенчица, летово беа оставени без капка вода во речиси сите денови. Одговор од општината зошто немаше вода, јавноста не доби.

Водоснабдувањето е есенцијална јавна услуга. Без квалитетно, безбедно и непречено водоснабдување сме лишени од основна цивилизациска придобивка. Затоа мора активно да се работи на решенија, долгорочни планови, стручни студии и на обезбедување финансиски услови за да се стекнеме со моќ силно да се унапреди оваа услужна дејност во општина Кривогаштани. А не како сега, да го губиме и тоа што сме го имале уште пред 30 години. За почеток очекуваме од градоначалникот да излезе и да ни даде барем искрена слика претставена преку бројки и техничко-финансиски согледувања. Но ниту тоа не се случува.

И понатаму да видиме, што се случуваше со училиштата кои се надлежност на локалната самоуправа под раководство на Каравилоски? Нискиот квалитет на живот поради слабоста и недостапноста на јавните услуги во општина Кривогаштани, активно го поттикнува иселувањето кон максимум, а бројот на жители брзо се намалува секоја година. Многу млади луѓе, сами, или со своите семејства со деца, се иселија на места каде што можат да најдат подобар живот. Наталитетот е сериозно загрижувачки низок и постојано опаѓачки. Населението брзо старее во просек и се намалуваат неговата вкупна продуктивност и се намалува економската основа да се финансираат институциите како што се училиштата.

Тоа е најочигледно токму во училиштата, каде секоја година значително се намалува бројот на ученици. Но општината и ден денес се однесува како да не го гледа тоа. Сите овие години општинската власт на СДС, слепо одбива сама да направи економска и функциска оптимизација на училиштата, или така речи да направи стегање на ременот во трошењата, прилагодување на реалноста, и покрај тоа што постојано имаше очигледна потреба од тоа – да го направи тоа и без да го бара тоа државата од неа. Но сега работите се близу до критична ситуација која го загрозува идното функционирање на училиштата.

Првпат се случи да имаме училишта со блокирани сметки. А сепак, единствено што во општината им е на ум на одговорните од локалната самоуправа, е да обезбедат согласности од советот за нови партиски вработувања. И притоа, без прекин целосно ги игнорираат насоките од Министерството за образование и наука да се рационализираат, кои насоки се дадени за спас на училиштата и за спас на квалитетот на образовниот процес на долг рок. Тоа што се правеа дека не го гледаат пред 9 години, се прават дека не го гледаат ниту денес. А тоа е дека не може да се проектираат број на вработени и материјални трошоци на исто ниво сега, како во времето кога имало двојно или тројно повеќе ученици – тоа не може да го издржи ниту богата држава, ниту богата општина, а ние не сме ни едното ни другото.

Почитувани граѓани и жители на општина Кривогаштани,

На истиот начин како што финансиски се упропастени училиштата, финансиски упропастена е и самата општина како правен субјект, како раководна институција. Долговите се огромни. Според нашите информации само тужените износи се поголеми од 35 милиони денари и растат. Трошоците за камати, тужбени работи и извршители по таквите долгови вртоглаво се зголемуваат исто така. Вкупните долгови пак се многу поголеми.

Сметката на општината е блокирана и работи со финансиско ограничување. А зошто е дојдено до тоа? Одговорот е повторно ист – поради недомаќинско работење, поради политика која не содржи никаква вистинска стратегија, поради преземање финансиски обврски кои општината не може да ги сервисира, поради партиско-гласачки клиентелизам кој доведе до превработеност, поради аматеризам, невизионерство и поради корупција. Затоа општината не може да биде ефикасна и функционална. Децентрализацијата во општина Кривогаштани не успева. Затоа општината не е способна да донесе ниту една сериозна инвестиција на своја територија која ќе вработува, па луѓето мораат да работат или земјоделство или да бараат работа на територија на други општини.

Со оглед на ваквите состојби, општина Кривогаштани е доведена до ситуација да биде целосно зависна од Владата и нејзините институции за финансирање на вистински проекти и инфраструктура. Во реалност, единствените работи кои општината ги реализираше во последно време, а кои се од корист на граѓаните, се изградбата на неколку улици. Но сите улици кои последната година ги гради општината се помогнати и финансирани од Владата. Општината во меѓувреме не е способна ниту да ги одржува старите улици, не пак локалните и полските патишта, кои се исклучиво нејзина надлежност. Владата и понатаму ќе помага на општината како досега, и ќе видиме сериозни инвестиции.

Но, градоначалникот гледаме дека редовно пред јавноста нешто критички бара од владините институции со цел стекнување политички поени. Бара проширување на регионални патишта, за проблемите во училиштата политикантски, неоправдано вперува прст во централната власт, ги искористува проблемите во земјоделието за себепромоција, или снима ноќни видеа за прегорени светилки кои не биле заменети од државно претпријатие. И сето тоа е во ред, но каде е одговорноста на локалната самоуправа за нејзините сопствени надлежности?

Или кога градоначалникот бара на пример служба за брза помош во Кривогаштани, зошто не ни каже кој тоа ја укина оваа многу важна услуга која владата на ВМРО-ДПМНЕ ја обезбеди уште пред 12 години? Па тоа го направи токму неговата партија СДС и неговиот лидер Венко Филипче, кој беше министер за здравство. Или зошто градоначалникот не отиде исто така да снима видеа кога секојдневно гори и труе големата депонија до Кривогаштани, како да е бомбардирана рафинерија? Или зошто не ни објасни како јавност што точно се случува со одводот кај Славеј, со одводот за Крушеани, со пречистителните станици и така натаму, па да не извести како тоа се потрошија стотици милиони денари, огромни милионски средства изминатите децении за изградба на инфраструктура за решавање на овие проблеми, а резултатот е никаков?

И тука останува да проговориме и за еден од најголемите проблеми во општината – масивното загадување на почвата, водата и воздухот. Општината нема никаква ни идеја ни намера да се справи со овој проблем. Владее безредие кое се повеќе го загрозува здравјето на нашите жители. Полињата и водите се загадуваат немилосрдно. Горењето на депониите, интензивното земјоделство и несовесните поединци, за оваа власт се нерешлив проблем. Но загадувањето на воздухот е број еден фактор кој предизвикува најтешки заболувања. Кој тивко и полека ни го скратува животот на сите, сиромашни и богати, млади и стари, моќни и немоќни.

Ова прави несогледливи штети, поголеми од се друго. Како е можно локалната власт и тоа да го игнорира? Зарем за се мора да се чека помош од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата? Зошто тогаш постои општината?

Како што гледаме, во сите крупни аспекти од раководењето со јавните работи од надлежност на општината, има очигледен неуспех. Можеме уште долго да зборуваме за неисполнетите ветувања за подобра општина. За запуштените јавни површини, за изгубениот сточен пазар, за ѓубрето кое е насекаде, за политичките релации со невладини организации, партизацијата на нивните сомнителни проекти. Едноставно е, ветувањата за подобра општина не се исполнети и грешките продолжуваат. Општината долго време не ги користи разумно своите ресурси, своите средства и своите одговорности.

Затоа, натрупаните проблеми со текот на времето достигнуваат се поштетни ефекти врз нејзиниот развој и врз квалитетот на животот на нејзините граѓани. Овој процес на распад мора да запре. Политиката за која се бори нашиот општински комитет во идниот период, е целосно посветена, конечно, да стигнеме до момент на пресврт. Друг начин за да опстанеме нема.