Сонцето полека заоѓа над ѕидините на Прашкиот град и ја бои Прага, градот на стотици кули, во илјада нијанси на златни бои, чиј отсјај се огледува во водите на реката Влтава. Во ова есенско приквечерје улиците се полни со улични уметници, продавачи на сувенири и туристи кои во својот објектив се обидуваат да ја уловат совршената светлина и совршениот кадар од делот на градот кој изгледа како цртеж од некоја средновековна бајка.
Постојат градови кои ги посетувате и градови кои при посетата ве опседнуваат. Прага е од оние вторите. Таа ја има ретката, речиси алхемиска моќ да ве зароби во својот лавиринт од историја уште при првиот направен чекор преку Карловиот мост на кој немо стојат барокните статуи. Имате чувство дека зад секој темен агол сè уште живеат легендите за кралевите, астрономите и тајните друштва кои низ вековите го граделе овој град со магија и камен. „Златниот град“ не ја открива својата убавина одеднаш, туку ве остава да залутате и да дозволите неговата мистична енергија сама да ве води низ улиците во кои оживуваат вековите.

Староградски плоштад
Шетањето во Прага го започнуваме низ Стариот град. Чекорејќи низ неговите улички имате чувство дека сте заминале на патување со временска машина. Стариот град е како архитектонски лавиринт на отворено, во кој на едно место се спојуваат готиката, барокот, ренесансата… Срцето на овој дел е Староградскиот плоштад, каде се наоѓа можеби најпознатиот симбол на градот, Астрономскиот часовник (Orloj) од 15 век. На секои шеесет минути, под кулата на Староградскиот дом се случува еден од најстарите ритуали во Европа. Илјадници погледи се свртени кон часовникот. Кога механичките прозорци ќе се отворат, започнува тивкиот марш на Дванаесетте апостоли, додека фигурата на Скелетот, како симбол на Смртта, го бие своето ѕвоно за да не потсети на минливоста на времето и животот.

Астрономски часовник
Орлој ја прикажува положбата на сонцето, месечината и другите небесни тела во однос на небото. Поставен е во долниот дел и прикажува месечни медаљони кои го симболизираат секој месец од годината. Тоа не е обично мерење на часовите, тоа е жива средновековна магија, ремек-дело на математиката и алхемијата, кое се уште ја покажува позицијата на сонцето и месечината, во ера кога луѓето верувале дека земјата е центар на универзумот. Часовникот преживеал бројни војни и реставрации, а според легендата, се верувало дека ако застане, на градот му се заканува несреќа. Затоа, според верувањата, низ историјата сите се труделе да го сочуваат.
Читањето на времето на Орлојот е вистински предизвик бидејќи неговиот астрономски бројчаник прикажува дури четири различни видови време одеднаш, користејќи три стрелки и неколку кругови. Главниот клуч за читање е златната рака (стрелката со симбол на дланка) која се движи околу големиот бројчаник.

Црква Пресвета Богородица пред Тин
Староградскиот плоштад е театар на отворено, на кој претставата ја играат различни стилови од различни епохи. Од едната страна на плоштадот, како до небото да се издигнуваат мрачните, готски кули на Тинската црква високи по 80 метри. Таа има скриен влез. Кога ќе застанете на плоштадот, ќе забележите дека пред самата црква има ред од куќи и за да влезете внатре, мора да поминете низ еден од тесните премини/аркади на куќите што се наоѓаат пред неа. Кулите на црквата се асиметрични, иако изгледаат идентични. Иако надворешноста е готска, внатрешноста е уредена во раскошен барокен стил, по пожарот кој уништил голем дел од внатрешноста. Изградбата на нејзината денешна готска структура започнала во 1365 година, на местото каде што претходно постоела постара романска и раноготска црква, а целосно била завршена во 1511 година.

Црква Свети Никола
Веднаш спроти нив, со етерична леснотија и раскош, блеска белата барокна фасада на црквата „Свети Никола“. Таа е изградена во раскошен барок помеѓу 1732 и 1737 година, на местото на постара готска црква од 13 век. Во 19. век таа функционирала како Руска православна црква, поради што царот Александар I и подарил масивен кристален лустер во облик на царска круна, кој се уште виси во средината.

Помеѓу овие две крајности на плоштадот се нижат куќи со пастелни бои кои го опкружуваат како неми сведоци на буржоаскиот луксуз во градот. Во Прага не мора да влезете во музеј за да ја видите историјата – доволно е само да застанете на средината на овој плоштад и да погледнете нагоре.

Маријански столб
Интересни приказни во Прага често се кријат онаму каде што најмалку гледаме – под нашите стапала. Овој плоштад денес е ослободен од бучавата на сообраќајот и препуштен само на чекорите на љубопитните патници. Тој чува и крвави белези во својата калдрма. Месингот на Прашкиот меридијан, кој некогаш служел како сончев часовник за целиот град, се вкрстува со сеќавањето на 27-те камени крстови. Тие се немиот потсетник на утрото во 1621 година, кога тука била погубена чешката аристократија. Масовно биле погубени 27 водачи на чешкото протестантско востание. Додека денес газите по овие коцки, чувствувате како под секој камен пулсира ехото на револуциите, егзекуциите и прославите кои го обликувале идентитетот на оваа нација.



Прашки меридијан и Споменик на погубените 27 чешки господари
По средината на плоштадот е Прашкиот меридијан (Prague Meridian), една долга месингана линија вградена во калдрмата. Таа го означува местото каде што некогаш паѓала сенката на Богородичниот столб точно на пладне. Во минатото, оваа линија се користела за одредување на точното соларно време во Прага.

Клементинум
Чекорејќи од Стариот град кон Карловиот мост ќе наидете на Клементинум – барокната библиотека прогласена за една од најубавите во светот. За разлика од раскошната внатрешност, екстериерот на овој гигантски комплекс раскажува приказна за строгата језуитска дисциплина, бидејќи претходно бил језуитски колеџ, но и за архитектонското мајсторство на некои од најголемите барокни архитекти на Европа. Во дворовите и на зградите на комплексот се наоѓа најголемата збирка на сончеви часовници во Чешката Република (вкупно 13 или 14 историски часовници сочувани на надворешните ѕидови). Тие се апсолутно фасцинантна тема и крунскиот доказ за опсесијата на језуитите со астрономијата и мерењето на времето.


Најголемата збирка на сончеви часовници во Чешката Република
Полека стасуваме до Карловиот мост, монументална камена градба, која повеќе од шест века ги спојува бреговите на Влтава, и не е само обичен премин од едната на другата страна на реката. Тој е портал помеѓу два света – раздвижениот Стар град и бајковитата, мистична Мала Страна и Прашкиот град. Изграден по наредба на императорот Карло IV, мостот е поставен врз темели од нумеролошка магија: неговиот камен-темелник бил поставен точно во 1357 година, на 9 јули, во 5 часот и 31 минута – низа од непарни броеви која астролозите ја пресметале за да му донесе вечност на мостот. И навистина, поминале векови, поплави и војни, а камениот џин се уште стои гордо под налетите на времето.

Карлов мост
Да се чекори по Карловиот мост е како да минувате низ барокна галерија на отворено. Триесетте статуи на светци, наредени како неми чувари долж оградата, ја набљудуваат реката од своите камени престоли, но и како потајно да погледнуваат во минувачите обидувајќи се да им го пресретнат погледот и да им ја раскажат историјата на која сведочат. Но, една фигура привлекува најмногу внимание. Тоа е бронзениот релјеф на Свети Јован Непомук, свештеникот кој бил фрлен во студените води на Влтава бидејќи одбил да ја открие исповедта на кралицата. Денес постои легенда дека доколку со десна рака го допрете релјефот на Јован Непомук, со левата рака петте ѕвезди поставени како симбол дека се појавиле на местото каде паднал во реката, десната нога на металната точка на мостот и замислите желба таа ќе ви се оствари. Затоа милиони раце ја допираат неговата избледена бронза, оставајќи дел од својата енергија и шепотејќи желби со надеж дека тишината на реката ќе ги претвори во реалност.


Бронзениот релјеф на Свети Јован Непомук
За да се разбере вистинската грандиозност на Прага, мора полека да го напуштите коритото на Влтава и да се искачите по стрмните калдрми на Храдчани. Таму, на врвот на ридот, како камена круна на градот, се издигнува Прашкиот замок или Прашки град. Ова не е само замок во класична смисла на зборот, туку величествен лавиринт од палати, дворови, цркви и градини кои се протегаат на површина колку седум фудбалски игралишта – доволно за Гинисовата книга на рекорди да го прогласи за најголем антички замок во светот. Низ овие порти со векови чекореле чешките кралеви, светите римски императори, а денес и претседателите на модерната република.

Карлов Мост и Прашки град
Сместена во самото срце на Прашки град, Катедралата на Свети Вид ве остава без здив со својата драматична појава. Нејзините готски кули, остри како сечила, се забиваат во облаците и буквално ја засенуваат околината. Надворешноста како да ја извезле илјадници везилки, внимавајќи на секој детаљ.
Кога ќе застанете пред западната фасада и ќе погледнете нагоре ќе ги забележите двете моќни кули кои се стеснуваат кон врвот како да се обидуваат да го допрат небесниот свод. Секој сантиметар од фасадата е украсен со богати релјефи, филигрански детални камени орнаменти и застрашувачки, но фасцинантни „гргољи“ украсни готски фигури кои демнат од висините. Централно место на западната страна зазема величествениот кружен прозорец. Од јужната страна ве пречекува историскиот влез, крунисан со раскошен мозаик од 14-тиот век. Позлатените камчиња го уловуваат секое парче светлина, правејќи ја капијата да блеска со топол, божествен сјај што остава впечаток на вечен луксуз. Погледнувајќи кон страничните ѕидови, ќе ги забележите елегантните летечки потпорни столбови. Тие делуваат како нежни, камени ребра кои лесно и без напор ја носат тежината на огромниот замок, давајќи и на оваа масивна градба неверојатна воздушеста и визуелна леснотија. Големата јужна кула, со својот специфичен ренесансен покрив, гордо доминира над силуетата на Прага. Таа е немиот сведок на вековите, која на зајдисонце се бои во нијанси на старо злато и килибар, нудејќи го најубавиот, најромантичниот поглед кон црвените покриви на Мала Страна и реката Влтава што тивко тече во подножјето на ридот.
Но, вистинската магија се случува кога ќе зачекорите внатре, во моментот кога попладневното сонце ќе помине низ масивните витражни прозорци, дело на мајсторот Алфонс Муха. Тогаш, студениот камен на катедралата се преплавува со бои, како кога преку калеидоскоп го гледате нивното мешање и креирање магини фигури и сенки. Во таа игра на светлината и сенките, додека тишината одекнува меѓу високите сводови, лесно е да се разбере зошто овој храм се градел речиси шест века.


Катедрала Свети Вид
Пред да го напуштите замокот, патот неминовно ве води до Златната уличка (Zlatá ulička) – низа од минијатурни, колоритни куќички прилепени за одбранбените ѕидини. Легендата вели за време на императорот Рудолф II, тука живееле кралските алхемичари кои очајнички се обидувале да ги претворат обичните метали во злато и да го пронајдат каменот на мудроста. Иако злато никогаш не било направено, оваа уличка ја задржала својата магична атмосфера. Во куќата со број 22, во почетокот на минатиот век, во потрага по мир и инспирација пишувал и славниот Франц Кафка. Денес, додека се превиткувате за да влезете низ ниските врати, се чувствувате како да сте стапнале во светот на џуџињата и заборавените приказни.

Жичница Петрин
Оттаму можете пеш до Кулата Петрин, а за оние кои не сакаат подолги прошетки по стрмни улици, тука е жичницата која ќе ве одведе на врвот на ридот. Кулата е изградена во 1891 година, а била инспирирана од Aјфеловата кула во Париз. Петпати е помала од парискиот оригинал, но, чешките инженери ја поставиле на врвот на ридот, кој се наоѓа на 324 метри надморска височина, па така кога ќе застанете на највисоката платформа за набљудување вие всушност сте на повисока апсолутна надморска височина отколку да стоите на самиот врв на вистинската Ајфелова кула во Париз.

Кула Петрин
Сивата, индустриска конструкција, која Хитлер сакал да ја збрише од лицето на земјата затоа што му го „грдела“ погледот, денес изгледа како вонвременски чувар на градот. Спроти неа, како нежен визуелен контраст, пак, се протега Градината со рози и други разнобојни цвеќиња – лавиринт од илјадници ливчиња во интензивна црвена, розова и жолта боја, чиј мирис се меша со мирисот на влажна земја и челик.

Тука се наоѓа и Обсерваторијата Штефаник. Тука, скриена меѓу зеленилото и остатоците од средновековниот „Гладен ѕид“, се наоѓа Обсерваторијата Штефаник. Таа не е само зграда со куполи, таа е времеплов и тивок сведок на човечката љубопитност. Архитектурата на обсерваторијата е во класичен стил со бели фасади кои се во контраст со зеленилото на паркот. Од покривот гордо се издигаат трите бакарни куполи — препознатливите „очи“ свртени кон вселената, кои со текот на годините добиле прекрасна, зеленкаста патина од времето.
Кога ќе се спуштите од Петрин и повторно ќе се упатите кон бреговите на Влтава, попат ќе поминете покрај споменикот „Вера“ на Давид Черни, а потоа и малиот парк каде се сместени „Бебињата што ползат“, исто така, дело на Черни. Наместо со невини детски црти, лицата на бебињата се заменети со бар-кодови или жлебови. Ова ја симболизира дехуманизацијата во модерното општество, каде што уште од самото раѓање луѓето се третираат како „производи“, податоци или бројки во системот, лишени од сопствената индивидуалност.


„Вера„ и „Бебињата што ползат“
Тука се испретлетуваат новото и старото, кои во целосна хармонија живеат овде во Прага. Со некое од бротчињата од јавниот превоз преку реката, можете да дојдете до нејзиниот друг брег и оттаму да се упатите кон Танцувачката куќа.

Прага е град познат како архитектонски музеј на отворено, каде што готските кули, барокните фасади и ренесансните покриви раскажуваат вековни приказни во совршена стилска хармонија. Сепак, на брегот на реката Влтава, оваа историска тишина е спектакуларно прекината од едно ремек-дело на модерната архитектура — Танцувачката куќа. Дизајнирана од визионерите Владо Милуниќ и Френк Гери, оваа градба не е само вежба по деконструктивизам, туку моќен симбол на политичкото ослободување, општествениот дијалог и храброста на уметноста да го предизвика традиционалното соочување со историјата.

Танцувачка куќа
Историјата на локацијата каде што денес се издигнува Танцувачката куќа носи тежок емотивен и историски товар. Во 1945 година, за време на американското бомбардирање на Прага на крајот од Втората светска војна, предвоената зграда на тоа место била целосно срушена. Речиси половина век, тој празен простор зјаел како лузна на брегот на реката, сè додека Кадифената револуција во 1989 година не го соборила комунистичкиот режим. Новата ера на чешката демократија, предводена од дисидентот и претседател Вацлав Хавел, барала нов визуелен идентитет. Хавел, кој живеел во соседната зграда, замислил простор кој ќе ја слави слободата, културата и динамичната иднина на земјата. Најфасцинантниот аспект на Танцувачката куќа е нејзината уникатна метафорична форма. Градбата е популарно наречена „Џинџер и Фред“, инспирирана од познатиот холивудски танцов пар Џинџер Роџерс и Фред Астер.


Вишехрад и Базилика Свети Петар и Павле
Движејќи се полека покрај брегот ќе стигнете до подножјето на Вишехрад од каде може да се искачите на ридот каде се наоѓа базиликата на Свети Петар и Павле. Вишехрад не е уште една тврдина во низата европски историски споменици, туку претставува мистичен темел врз кој е изграден чешкиот национален наратив. Сместен на карпест рид над реката Влтава во Прага, овој комплекс во колективната свест на Чесите има статус на свето место. Додека Прашкиот замок симболизира политичка моќ, државност и административен континуитет, Вишехрад е симбол на романтичната зора на чешкиот народ, место каде што историските факти се испреплетуваат со епските легенди за да го дефинираат националниот идентитет. Тука се и Вишехрадските гробишта каде се погребани најзначајните личности од чешката историја, вклучувајќи ги светски познатите композитори Антонјин Дворжак и Беджих Сметана, како и уметникот Алфонс Муха.




Кога сте во Прага освен да се восхитувате на историјата, архитектурата и уметноста, треба да пробате и некои од чешките специјалитети како печено говедско месо во густ, кремаст сос од пасиран коренест зеленчук и павлака, послужено со кнедли од леб, брусници и парче лимон, печена свинска коленица маринирана во пиво и билки, огромни порции, често и над 1 килограм и идеални за споделување. Треба да се проба и нивниот гулаш, но и ребрата подготвени на чешки начин. Цените секако зависат од локацијата каде се наоѓа ресторанот, но и од самиот ресторан, а најмалку што треба да издвоите за да вкусите дел од овие задоволства е 15-тина евра по порција.
Секако не смеете да пропуштите дегустација на нивните пива, кои можеби имаат најпристапни цени, колку просечна цена на едно кафе. Чешкото пиво не е само пијалок, туку национално богатство и срцето на чешката култура. Чешка веќе со децении го држи убедливото прво место во светот по потрошувачка на пиво по глава на жител (околу 130-140 литри годишно по лице). Во Прага, пивото често е поевтино дури и од флаширана вода, а начинот на кој се прави, чува и точи е подигнат на ниво на чиста уметност. Прага е родното место на Pilsner стилот – златно, бистро лагер пиво со богата пена, кое денес е основа за 70 отсто од пивата во целиот свет.
Можете да побарате пиво на точење, на стандарден начин – околу три прсти густа пена одозгора, мало пиво во голема кригла – половина пиво, половина пена, со малку празен простор одозгора. Идеално како „последно пиво пред заминување“ или на пример Млико – цела кригла полна со густа, млечна пена. Ги имате темни, светли или мешани. За да ја разберете Прага, мора да излезете од сенката на готските кули и да се спуштите неколку скалила под земјата, каде што воздухот мириса на печено свинско месо, влажно дрво и свеж хмељ. Влегувањето во еден автентичен прашки паб – или „хоспода“ – е како чекорење во временска капсула. Тука, велат локалците, времето не се мери во минути, туку во испразнети кригли кои ги оставате на масивните дабови маси.


Прашки град и Страоградски плоштад ноќе
Ноќите во Прага се посебна и волшебна приказна. Кога сонцето ќе потоне зад готските кули на Прага, градот не си легнува – тој само ја менува својата облека. Златните нијанси добиваат на интензитет, прекриени со темнината на прашките ноќи. Дневната врева на туристите и отстапува место на една поинаква, мистична атмосфера. Прага ноќе станува театар на светлината и сенките, каде што секоја уличка изгледа како декор за средновековна приказна.
Кога ноќта конечно ќе ја покрие Прага и уличните светилки ќе ги претворат кулите на хоризонтот во златни силуети, сфаќате дека овој град не е дестинација која едноставно ја штиклирате на мапата дека сте ја виделе. Тој е емоција и љубов која ви се вовлекува под кожа. Прага ве променува со својот бавен, отмерен ритам, со вкусот на горчливото пиво и слаткиот цимет на чешкиот трделник, како и со немиот шепот на историјата што во овој град ве следи на секој чекор. И додека се подготвувате да заминете од овој град, веќе знаете дека од Прага никогаш не си одите засекогаш, затоа што еден дел од вас останува заробен во нејзината безвременска магија.




