Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека остварил бизнис средба со претставници на германски компании од Северна Рајна-Вестфалија кои се присутни во Македонија. Во фокусот на разговорите биле можностите за нови инвестиции, проширување на економската соработка и отворање нови, високоплатени работни места.

Како што објави Мицкоски, на средбата биле претставени потенцијалите на македонскиот ИКТ-сектор, зелената енергија од обновливи извори, здравството, јавната безбедност и развојот на инфраструктурата, како и можностите за дигитална трансформација на индустријата.

Премиерот посочи дека Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна клима, со цел привлекување странски инвестиции и поттикнување на економскиот развој.

„Нашата цел е германските компании да ја препознаат Македонија како доверлив партнер за долгорочни инвестиции, трансфер на технологии и развој на висококвалификуван кадар“, истакна Мицкоски.