Според известувањата на неколку јапонски медиуми, луксузен швајцарски часовник вреден над 260.000 евра, по кражба од продавница во Токио, бил вратен заедно со писмо за извинување.

Кражбата се случила минатата недела во населбата Накано откако маж побарал да го проба часовникот „Audemars Piguet“ во вредност од 46 милиони јени, по што побегнал од продавницата.

На први ноември во продавницата пристигнал пакет со часовникот внатре и рачно напишано писмо за извинување.

Истражителите задолжени за истрагата, благодарение на серискиот број утврдиле дека станува збор за истиот часовник.

Сопствениците на продавницата се воздржале од коментари пред јавноста.

Според првичните информациите, полицијата на Токио сè уште е во потрага по осомничениот.