Мексиканските власти денеска воведоа забрана за употреба на мобилни телефони и други електронски уреди во основните и средните училишта за време на часовите, како дел од националната иницијатива за ограничување на времето што децата го поминуваат пред екраните.

Уредбата, која ја иницираше мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, предвидува учениците да можат да користат телефони само за образовни цели, под надзор на наставници, како и во итни случаи или кога е потребно од здравствени причини или попреченост.

Меѓутоа, забраната предизвика загриженост кај родителите, особено во делови од Мексико каде што дејствуваат криминални банди.

Тие се плашат дека без мобилни телефони ќе биде потешко да се стапи во контакт со децата во случај на опасност.

Во градот Есквинапа, во државата Синалоа, таа загриженост беше зголемена откако вооружен човек на мотоцикл на 22 октомври пукаше во автобус што превезуваше средношколци.

Во возилото имало повеќе од десет ученици, а во нападот бил повреден возачот.

Според податоците од мексиканската организација за заштита на правата на децата, REDIM, во текот на првата половина од оваа година, секое десетто лице во Мексико под 17 години било жртва на кривични дела поврзани со организиран криминал.

Претставниците на родителските организации, исто така, изразија забелешки на начинот на кој е донесена одлуката, наведувајќи дека родителите не се доволно вклучени во процесот. Истовремено, некои претставници на овие организации гоа поддржаа ограничувањето на употребата на телефони, со барање за спроведување кампањи за информирање на родителите и обука на наставниците.