Седумнаесетгодишна девојка од Богданци е втората жртва пронајдена во опожарениот автомобил кај местото „Ичева чешма“, дознава неофицијално Скопје1. Покрај возилото беше пронајден мртов 21-годишниот Виктор Г., кој, според информациите до кои дојде нашата редакција, бил нејзино момче. Случајот добива дополнителна тежина по сознанијата дека девојката претходно го пријавила за физичко насилство, а на блиски пријатели им раскажувала и за закани.
Според информациите на Скопје1, малолетничката претходно пријавила дека била физички нападната во домот на момчето. Полицијата постапила по пријавата, го привела 21-годишникот и го известила надлежното обвинителство. Овој настан е потврден и во известување од Министерството за внатрешни работи доставено до Скопје1.
„Полициски службеници лишија од слобода 21-годишен жител на Богданци. Според пријавеното, тој на 30.09.2026 околу 21:00 часот во неговиот дом физички ја нападнал неговата 17-годишна девојка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во известувањето на МВР.
Според дополнителните сознанија на Скопје1, девојката зборувала со луѓето од своето опкружување за нападите и заканите кои ги трпела. објави Скопје1.мк




