Дијалогот што во моментот се води во врска со отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на Европската Унија, а македонските позиции се јасни и принципиелни – истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека се работи на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, Муцунски рече дека процесот се одвива и на европско ниво со поддршка и од земјите членки.

– Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментот работиме на дијалог за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки – изјави Муцунски.

Тој повтори дека позициите на македонската страна се јасни и принципиелни и дека сите разговори што се водат во моментот, како и оние во изминатите две години, се засноваат на ставови што јасно им биле претставени на европските партнери.

– Ќе повторам дека нашите позиции се јасни, принципиелни и сите разговори што ги водиме во моментот, како и оние што сме ги воделе во последните една-две години, се базирани на позиции што прилично јасно им ги претставивме на нашите европски партнери – рече Муцунски.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на прес-конференцијата во Брисел на 4 ноември, по претставувањето на пакетот за проширување, на новинарско прашање за ангажманот на Европската комисија во надминувањето на отворените прашања меѓу Скопје и Софија одговори дека ЕК прави многу за односите меѓу двете земји, но дека не кажува сè.

– Ние правиме доста за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, но не кажуваме сè – изјави тогаш Кос.

На прашањето зошто нејзиниот ангажман не е повидлив во помагањето на Македонија и Бугарија да ги надминат отворените прашања, Кос посочи дека постојат активности што Европската комисија ги презема, но не ги објавува во јавноста.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во средата пред Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, каде што беше претставен пакетот за проширување, ја повика еврокомесарката Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија посочувајќи ги Хрватска и Црна Гора како позитивен пример за решавање на отворените прашања преку дијалог.

Тој оцени дека билатералните прашања не треба да го попречуваат напредокот во пристапниот процес и дека единствениот излез од ќор-сокакот е владите во Скопје и Софија да седнат на иста маса и да разговараат. Вајц потсети дека уставните измени се однесуваат на вклучувањето на малцинствата и апелира до Кос да помогне во поттикнувањето на дипломатскиот дијалог.

Муцунски во денешниот одговор не прецизира колку би траел дијалогот, ниту дали во рамките на разговорите се очекуваат конкретни рокови, туку повторно ги истакна поддршката од европските партнери и принципиелните позиции на македонската страна. (МИА)