Ниту една криза со банка или друга финансиска институција не била пресретната од Народната банка, со ефикасна мерка како последниот случај со Алта банка АД Битола.

Зошто е оваа констатација?

Затоа што со употреба на инструментот преземање на администрацијата (управувањето) со битолската Алта банка од страна на трочлен тим од централната банка се постигнати повеќе цели и тоа првентивни.

Прво, со преземање на управувањето се спречи изнесување пари од банката.

Второ, се спречи нагло повлекување на сите депонирани пари – финансиско цунами од кое ниту една банка во светот не би преживеала.

Трето, фирмите со сметки во банката непречено продолжија да ги вршат финансиските плаќања во рамките на истата.

Четврто, штедачите ќе си ги зачуваат заштедите зголемени со пропишаната камата.

И сето тоа треба да биде спроведено во краток рок, не подолг од 3 месеци администрирање или многу побрзо со продавање на акциите на друга банка или финансиска институција.

Тоа е најбезболниот и најправедниот начин за решавање на увезената криза. Тоа е првата и најдобра одлука. Да се заштити и превенира штета по граѓаните и коминтентите на банката. Тоа што најголемот акционер ќе загуби тоа е негов проблем и тоа во Србија. Алта банка Битола е важно да преживее, а со тоа и финансиите на граѓаните.

А, Народната банка имала на располагање уште најмалку 6 мерки, меѓу кои и најнепопуларната стечај на банката.

Значи ,Народната банка постапила согласно својата супервизија, контрола и мониторинг на финансиските текови во банката која е македонска, а не српска и која е посебен и самостоен правен субјект во домашниот банкарски систем. Тој субјект освен поседувањето на мнозинството од акциите од сопственикот на Алта банка Белград нема никаква врска со случувањата во Србија. Во Србија постои истрага и разни мотиви за затворање на банката, но тоа практично не влијае на бонитетот на македонската Алта банка.

Сепак треба да и се верува на контролата на македонската Народна банка која не забележала никакви сомнителни трансакции, повлекувања пари, или други активности кои можат да влијаат на нејзиното коректно работење.

Финансискиот хируршки рез пак би значел стечај на банката, но раната би болела долго.

Тоа би водело до исплата на депонираните средства на штедачите и депонентите до 30.000 евра од Фондот за осигурување на депозити. Фирмите за своите средства би чекале на решавање на стечајната маса. Тој процес по стечајот на Еуростандард банка траеше дури 3 години.

Значи на една страна имаме администрирање од НБМ во краток рок, не повеќе од 3 месец и продажба на акциите на Алта банка Битола на друга банка или финансиска институција. На другата страна имаме стечај пропаѓање и чекање и стравување за своите пари. Од една страна имаме навремена превентивна мерка , а на другата остар рез. Во двата случаи граѓаните ќе си ги добијат средствата, но немирот и паниката што се предизвикува е толку суров, бездушен што влијае на довербата во финансискиот систем од целото општество.

И доаѓаме до клучниот момент кој е тој што би сакал тоа да се случи? Кој е тој што не би го направил тоа што го направи Народната банка, туку би сакал хируршки рез? Кој е тој што во секоја криза гледа шанса за профит?

Не треба да се оди подалеку, доволно е да се погледне опозициската СДСМ и нивниот лидер невро-хирургот Венко Филипче. Тој е тој што веднаш би посегнал по скалпелот. Неговото/нивното политичко портфолио укажуав дека секоја криза или ја посакуваат, ја предизвикуваат или ја разгоруваат и се е од лукративни причини. Од секоја, во случајот банкарска криза, сакаат да имаат профит. Дали за нивни близок да ја купи Алта банка или да им напакостат на штедачите, депонентите, корисниците на социјална помош или пензија, не е важно. Не им е ним грижа за нив. Не ги интересира дали има надеж да се спаси и банката и нивните пари со администрирање од централната банка. Тие би сакале стечај. Би сакале редици пред банката, би сакале клетви од разочараните граѓани, оти мислат дека така тие ќе бидат подобри, попосакувани и со некаква шанса на следните избори.

Сетете се што направија во нивно владеење со Еуростандард банката. Само тие имаа корист или профит. Како што нивната министерка за финансии Нина Ангеловска предвреме си ги извади 250-те илјади евра и кој знае уште колку други, а граѓаните и фирмите ги оставија на цедило. А, прашање е колкумина блиски до СДСМ земените кредити никогаш не ги вратија токму поради стечајот. Знаејќи како гледаат на профитот блиските луѓе на СДСМ не се ни чудни обвинувањата дека лошите кредитни пласмани биле за нив, и потребата од стечај предизивкана токму од нив.

Затоа Филипче веднаш бара стечај на Алта банка АД Битола, затоа веднаш бара оставки и одговорност. Оти нивниот план, патем смислен од ПР-от на Башановиќ, по српски патерн ќе беше полесно остварлив со стечај, но не и со администрирање од НБМ. Сега новите сопственици ќе ги прегледаат кредитните пласмани и нема да има бегање од враќање на кредитот како што сака СДСМ. Тоа е тој начин на богатење кој датира уште од времето на поттикнување на работа на пирамидалната штедилница ТАТ, за во еден момент да ја уништат. Уништија се само не своите паричници кои ги наполнија од секоја криза, било да ја предизвикаа, било да ја намирисаа.

Патем, дали знаете за една криза која СДСМ сакал да ја реши или ја решил со win – win ситуација. Нема таква. Било да се на власт, било во опозиција. Случајот со Алта Банка е токму таков.

Нивните портали, медиуми и ботови веднаш активираа кризен менаџмент, но не да ја решат кризата, туку да профитираат од неа. Ако може финансиски, најдобро. Ако не тогаш барем политички. Ако не може и тоа, тогаш да создадат паника, немир и социјална деструкција.

ПС

Веројатно и СДСМ сака да оствари некое ветување, во моменти кога владата ги штиклира ветувањата од изборната програма. Немајќи што, СДСМ го примени добро познатото клише – почни да правиш проблем со прогласување на Алта банка за неуспешна и контроверзна финансиска аквизиција. Постојано држи ја темата отворена со лаги и шпекулации, иако банката работи успешно. И на крај искористи го моментот со случувањата во Алта банка во Србија (прашање е дали е правилно постапено од српската централна банка) за Филипче да воскликне: ВИ РЕКОВМЕ! ВЕТИВМЕ – ОСТВАРИВМЕ!