Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Македонија има подобар извештај од Европската комисија за напредокот во евроинтегративниот процес во споредба со минатата година, нагласувајќи дека во годинешната оценка нема ниту една констатација за назадување.
На прес-конференција, на која се осврна на годишниот извештај на Европската комисија, Мицкоски истакна дека е забележан напредок во две преговарачки поглавја – дигиталната трансформација и медиумите, како и образованието и културата.
Според премиерот, Македонија е меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст, а до јуни годинава Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда.
Мицкоски се осврна и на економските показатели, посочувајќи дека во извештајот се нотира економски раст од 3,5 проценти во 2025 година, како и намалување на невработеноста од 12,5 на 11,7 проценти. Тој додаде дека подоцнежните ревизии на податоците покажуваат раст од 3,8 проценти и во 2024 и во 2025 година.
Како значајни резултати ги посочи и дигитализацијата на институциите, при што 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско архивирање и управување со документи, додека Националниот портал опфаќа 338 електронски услуги.
Во делот на образованието, премиерот истакна дека е усвоена новата Стратегија за периодот 2026–2032 година и дека се воспоставени осум регионални центри за стручно образование, од кои три веќе се оперативни.
Посебно внимание посвети и на правосудството, каде што, како што рече, има подобрување во оценката на Европската комисија. Во поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните права, минатата година било констатирано дека нема напредок, додека годинава е забележан ограничен напредок. Кај функционирањето на судството, оценката е подобрена од „нема напредок“ на „одреден напредок“.
Сепак, Мицкоски нагласи дека забелешките во извештајот се сфаќаат сериозно и дека одговорноста за спроведувањето на реформите ја имаат сите надлежни институции.
Во однос на европските интеграции, премиерот повтори дека Македонија останува посветена на полноправно членство во Европската Унија, но дека процесот треба да се темели на јасни правила, предвидливост и меѓусебна доверба.
Тој посочи дека останува отворено прашањето за уставните измени, оценувајќи дека земјата нема недостиг од реформи, туку се соочува со преостанати политички услови.
– Не бараме привилегии. Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати – порача Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со реформите, јакнењето на институциите, борбата против корупцијата и усогласувањето на законодавството со европските стандарди, изразувајќи очекување и Европската Унија да покаже јасна политичка посветеност кон проширувањето.




