Директорот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов денеска во просториите на Народната банка на Македонија, одржа средба со гувернерот на НБРМ Трајко Славески и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова.

На средбата стана збор за актуелната состојба со Алта банка и активностите што ги презема Народната банка за непречена исплата на средствата на пензионерите во банката.

Директорот на Фондот Мемов, гувернерот Славески и претседателката на Сојузот, Трајкова од средбата ги повикаа пензионерите да бидат спокојни, бидејќи исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка.

При тоа гувернерот Славески нагласи дека Народната банка континуирано презема активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија коишто ќе овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите.

„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“ АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, рече на средбата гувернерот Славески.

Директорот на Фондот Мемов објасни дека Фондот на ПИОМ непречено и континуирано на сите пензионери што се обратиле, во сите филијали, им издава потврди коишто може да им послужат за да се пријават кај новоизбраниот носител на платен промет (банка), а каде што Фондот ќе ја врши исплатата на пензијата.

Неопходно е да се нагласи дека целата процедура на избор на банка во која се прима пензијата, односно нејзино менување, се одвива индивидуално и одјавувањето, односно пријавувањето во банката каде што пензионерот ја прима пензијата не зависи од Фондот.

При промената на банката пензионерите треба да се одјават од банката каде што ја примаат пензијата и потоа да одат во банката каде што ќе продолжат да ја примаат пензијата. При тоа може да ја достават потврдата што ја издава Фондот, а во која е содржан пензискиот број на пензионерот. Ова е потребно поради тоа што банките секој месец доставуваат до Фондот список со трансакциски сметки на пензионерите кои примаат пензија кај нив и Фондот врз основа на тоа ја врши исплатата на средствата за пензии.

На средбата беше нагласено дека нема потреба пензионерите да брзаат со процесот на менување на банката, затоа што приорет на НРБМ е исплатата на средствата на пензионерите.

Народната банка активно работи да обезбеди услови сите пензионери што сакаат да се одјават од Алта банка, тоа да можат да го сторат во следните две недели.