Две лица загинаа, од кои едно малолетно, во несреќа во која учествувал автобус што превезувал ученици во близина на Лен во источна Франција, соопшти денеска Јавното обвинителство во Бург ан Брес.
Шеснаесет лица се повредени, од кои тројца потешко.
Министерот за образование Едуар Жефре потврди дека меѓу патниците во автобусот имало ученици. Автобусот имал несреќа во близина на малото гратче кое се наоѓа на 50 километри североисточно од Лион. Според локалните власти, во автобусот се превезувале 43 лица, од кои 15 биле малолетници.
Министерот за транспорт Филип Табаро се упати кон местото на несреќата.
Автобусот излетал од патот околу зори и удрил во дрво во канал покрај патот, изјави градоначалникот на Лен, Ив Кристин, за францускиот телевизиски канал БФМТВ.
Властите отворија општинска сала со цел да им пружат помош и поддршка на повредените и на нивните роднини.
Повеќе од 100 пожарникари и 50 полициски службеници се распоредени на терен. Патот во областа околу местото на несреќата е затворен за сообраќај.
Обвинителството соопшти дека возачот е меѓу лицата пренесени во болница и оти засега не може да биде испитан.




