Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, најави предлог за целосно ослободување од општинскиот дел од комуналиите за млади брачни парови и самохрани родители кои градат свој прв семеен дом.
Под мотото „Првиот дом – ваш сон, наша поддршка“, Стојкоски истакнува дека со оваа мерка ќе се овозможи намалување на финансиските трошоци за семејствата кои сакаат да го решат станбеното прашање и да започнат ново поглавје во животот.
„Помалку трошоци, полесен почеток и поголема сигурност за семејствата!“, порачува Стојкоски.
Како што посочува градоначалникот, идејата е преку конкретна поддршка да се создадат подобри услови младите да останат, да живеат и да го градат својот дом во Ѓорче Петров.
„Иднината да ја градиме дома, во Ѓорче!“, порачува Стојкоски.




