Глечерот Шварцмилцфернер (Schwarzmilzferner) на австриската страна од Алгејските Високи Алпи го загуби статусот на глечер по овогодишното топло лето.
Топлите месеци му одзедоа повеќе од 4 метри во дебелина и околу половина од неговиот волумен, открија денеска истражувачите, пренесе ДПА:
– Голема е веројатноста тој целосно да исчезне до следното лето – изјави Кристоф Мајер, глациолог од Баварската академија на науките.
Веќе 26 години тој и неговите колеги внимателно го следат она што порано беше последниот глечер во Алгејските Високи Алпи од австриската страна, документирајќи значителни загуби на ледената маса од 2016 година.
– Овој тренд дополнително се интензивираше од 2022 година. Оттогаш беше јасно дека деновите на глечерот му се избројани – рече Мајер. Покрај дебелината и волуменот, клучен фактор за дефинирање на еден глечер е и тоа дали тој се движи (тече) – што повеќе не е случај ниту со Шварцмилцфернер.
Леденото поле, кое се наоѓа во близина на границата меѓу Австрија и Германија на надморска височина од околу 2.450 метри, во никој случај не е изолиран случај.
– Неколку помали глечери на Алпите исчезнуваат секоја година – рече Мајер, нарекувајќи го овој тренд речиси незапирлив.
– Дури и да има обилни врнежи од снег во зима, ледените маси забрзано се намалуваат. Летата сега станаа премногу топли за нив – изјави тој.
– Како што стојат работите, очекувам целите Источни Алпи да останат без лед помеѓу 2060 и 2070 година – истакна Мајер.




