На завчерашните избори во САД, гласачите во четири американски сојузни држави одобрија предлози за ограничување на правата на трансродовите лица.
Гласачите во четири сојузни држави – Вашингтон, Колорадо, Аризона и Небраска – одобрија мерки со кои се забранува трансродовите деца да играат во спортски тимови што одговараат на нивниот родов идентитет или се забрануваат операции за промена на полот кај малолетници.
Според анализата на Ројтерс, која ја пренесува БТА, гласачите со тоа тие испратиле предупредување до демократите за прашање кое продолжува да ја дели Демократската партија и веројатно ќе остане политички предизвик во пресрет на претседателската трка во 2028 година.
Мерките за ограничување на правата на трансродовите лица поминаа и покрај убедливата победа на демократите на национално ниво, кои повторно ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес. Тоа укажува дека дел од американските гласачи кои ги поддржале демократските кандидати и натаму се приемчиви за одредени аргументи на републиканците во врска со прашањата поврзани со трансродовите лица.
За време на предизборната кампања, републиканците ги засипаа демократите со агресивни политички реклами во кои нивните противници беа претставени како премногу либерални во однос на прашања како вклучувањето трансродови девојки во спортските натпреварувања и обезбедувањето здравствена заштита за малолетни трансродови лица.
Демократските кандидати имаа различни одговори на овие напади. Некои зазедоа поконзервативни позиции по овие прашања, други останаа на ставовите за поддршка на трансродовите лица, додека трети ја избегнуваа темата, која републиканците успешно ја искористија против демократите на претседателските избори во 2024 година.
Успехот на мерките е „обесхрабрувачки“, изјави Рејчел Томлинсон Дик, извршна директорка на ЛГБТ+ организацијата „АутНебраска“ (OutNebraska), додавајќи дека очекуваат слични мерки да бидат предложени и на идни референдуми.
Демократите беа затекнати неподготвени од нападите на републиканците во врска со прашањата за трансродовите лица за време на претседателската кампања во 2024 година. Тешкотиите на Демократската партија да даде доследен одговор на овие прашања беа широко оценети како еден од факторите што придонеле за поразот на тогашната поранешна потпретседателка Камала Харис од Трамп, забележува Ројтерс. (МИА)




