Јованка КЕПЕСКА
Последната средба на историска комисија со Бугарија, од 5 и 6 ноември, што следува од нивното соопштение, укажа дека бугарската страна го задржува својот безусловен, неоспорлив пристап за исполнувањето на препораките и очекувањата поврзани со евроинтеграцискиот процес на Република Македонија, додека македонската страна опстојува на укажувањето на разликите и на отворените прашања околу толкувањето на заедничката историја. Тоа ни говори за дубиозите во работата на Комисијата што постојат а произлегуваат од самиот формално-правен пристап кон овој институционален облик. Односно дека причината е условувањето на евроинтеграциските процеси на Република Македонија со надминувањето на разликите во историографските согледувања за определени настани и личности. Воедно и преку крајна медијација на политичките чинители. Комисијата е задолжена да поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорените страни. Иако за научната расправа се претпоставува автохтона, и одвоена од политиката.
Идејата за потребата и можноста за расправа за различните гледања за определени историски настани во историографиите на соседните земји, секако, се појавуваше, во децениите наназад,во Македонија но нејзината појдовна претпоставка беше единствено врз научна аргументација и дијалог да се говори за историските настани и да се дојде до усогласување на сознанијата. Претпочитувајќи ја севкупната научна продукција на македонската историографија и на комплементарните научни дисциплини.
Врз основа на Заедничката декларација, од 1999 година, за односите меѓу двете држави, во 2017 година, меѓутоа, се склучува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. „Имајќи јазаедничката историја која ги поврзува двете држави и нивните народи“, како што се наведува во Договорот, се регулира Заедничката комисија за историски и образовни прашања за договор за клучните историски прашања и личности и за начинот на нивното одбележување. Така што, согласно членот 8 од Договорот, Комисијата се определува да придонесе за објективно, засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. И дека договорените страни ќе организираат, со взаемна согласност, чествување на заеднички историски настани и личности. Ваквите активности се насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.
Додека, врз основа на Преспанскиот договор, од 2018 година, истата, 2018 година, се формира Заедничка експертска комисија за историски, археолошки и образовни прашања меѓу Македонија и Грција. Нејзина задача е да ги прегледа учебниците и образовните материјали со цел отстранување на иредентистичките содржини и помош во меѓусебното разбирање. Со оглед на внатрешниот договор на Комисијата во јавноста нема известувања за јавноста.
Идејата за комисии за размена и надминување на мислењата врз научен дијалог се изневери, со Договорот за добрососедство со Бугарија бидејќи нејзината реализација се претпостави врз проблематичната основа за заедничка историја на Република Македонија и на Република Бугарија, а со Република Грција како потреба за надминување на евентуално постоечкиот иредентизам. И поврзувајќи ја реализацијата на нивната активност со приемот на Македонија во ЕУ, а, на таков начин, и ултимативно и за забрзани решенија.
Тоа ни укажува на неминовноста од дубиози во работата на Комисиите, потребата од проблематизирање на нивниот концепт од аспект дури и на научниот и постигнати резултати.
Во светски рамки, имено, постоеле и постоат, комисии за историја. Поучното го црпиме од нивното дефинирање, загарантираноста на аргументацијата, професионалноста и академската слобода и почитување на народната претстава за определените исориски настани.
Разговори и консултации за учебниците по историја започнуваат уште 1930-тите години во Европа иако вистинскиот институционален зафат се случува по Втората светска војна, особено по потпишувањето на Елисејскиот договор од 1963 година од Шарл де Гол и Конрад Аденауер и преку француско-германската соработка.
Но, акцентот е на академската слобода која бара висок ниво на професионална и академска автономија, фокусирајќи се на културата, на сеќавањето и разбирањето на различните народни претстави а не на политичката ревизија или наметнување на една „официјална“ вистина.
Француско-германската комисија (и пошироките иницијативи за историја и учебници), наречен Француско-германскиот комитет на историчари, претставува класичен европски пример за долготрајно помирување , градење доверба и надминување на непријателствата меѓу две држави по Втората светска војна. Во услови на добра воља, почитување и искреност. Помирување на две нации преку заедничко препрочитување на историјата и ревизија на учебниците. Во духот на европската интеграција и трајниот мир.
Нивниот успех произлегува, пред се, како резултат на усредсредувањето на дидактиката и образованието, а не и на политичкото условување и дефинирање на националниот идентитет. За да се исчистат стереотипитите во учебниците по историја од двете страни со договор за контраверзните прашања во европската историја: За Наполеоновите војни, Првата светска војна, режимот во Виши… паралелно претставени преку француската и германската перпектива. Во такви услови е остварен резултатот каков што е тритомниот заеднички учебник по историја (учебник за средно училиште).




